Вечерва со почеток од 19 часот во С.Ц. Јане Сандански ќе се одигра првиот четврт-финален натпревар помеѓу црвено-црните девојки и актуелниот европски првак, екипата на Ѓер. Полни со оптимизам и надеж за победа и пласман на Ф4 изминативе денови девојките најавуваат дека ова е можеби дуелот за нив на сезоната. Денот кога можеби оваа екипа ќе профункционира како минатата сезона и ќе блесне во стариот сјај.
За Унгарскиот шампион не треба да се трошат многу зборови. Тие се европски прваци во последниве две сезони, и екипа која последниве наназад години е во врвот на европскиот ракомет. Меѓутоа оваа сезона и Ѓер не игра како што се очекува од нив. Најголем нивни хендикеп е голманската позиција каде оваа година на голот не ја гледаме Катрин Лунде, а нејзината замена Јелена Грубишиќ е далеку од квалитетите на Норвешкиот чувар на мрежата. Тука дефинитивно Вардар е во голема предност каде ги имаме феноменалните Суслина и Лејно, кои може да се каже дека се нашите најсветли точки оваа сезона. Слабости во нападот се осетија и по заминувањето на Катарина Булатовиќ, која се врати во Будуќност. Сепак десната страна им е солидна во името на Сузан Милер која заедно со нас познатата Аморим се можеби едни од најакиот бековски тандем. Нивното најзвучно име Анита Горбич исто така не е во можност да им помогне во овој двомеч. Се работи за нивниот организатор на играта и сигурно најдобриот стрелец на оваа екипа.
Но и ние имаме наши адути и квалитетни играчи кои можат да решат натпревар. Андреа Лекиќ најдобрата светска ракометарка, и Радичевиќ се играчите од кои многу се очекува на овој дуел, познавајќи го тимот на Унгарките каде долго време беа носители на нивната игра. Барбара Лазовиќ не ги исполни очекувањата на стручниот штаб со нејзиното доаѓање, но се надеваме дека нејзиното богато искуство многу ќе помогне во овој двомеч. Да не ги набројуваме и сите останати во кои има квалитет, тоа се познати и докажани играчи кои можат да се носат со било кој противник. На клупата ги имаме Кастратовиќ која потпомогната од врвниот стратег Питлик сигурно добро ги анализирале Ѓер и ќе се обидат да излезат како победници, наспроти противничкиот стратег Мартин Амброш.
Публиката очекуваме да дојде во голем број да биде осми играч на овие девојки, кои вечерва ќе изгинат на теренот. Пред овој меч, преку фан-каравани се повикуваа навивачите во голем број да дојдат и да ги понесат кон една голема победа.
Ајде, ајде Вардаре.