Македонија заврши на шесттото место на ЕХФ Шампионатот кој се одржува во Скопје. На последниот дуел за пласман, избраничките на Савевски загубија од репрезентацијата на Исланд, дури после изведување на пенали, откако натпреварот во регуларниот дел заврши со нерешен резултат 28:28.
Репрезентацијата на Исланд во најголем дел од натпреварот имаше предност, но нашите младинки ниту во еден момент не се откажаа од помислата да го победат противникот, иако во еден дел од натпреварот имаа и шест голови предност. Противникот подобро го отвори натпреварот кога направи серија од три гола и поведе со 4:1, долго време се одржуваше оваа разлика, се до последните пет минути од првиот дел, кога Македонија успеа да стигне и до израмнување. Сепак до крајот на првото полувреме, селекцијата на Исланд замина на одмор со позитива од три гола (13:16).
Сличен тек имаше и второто полувреме, долго време Исланд имаше контрола на играта и солидна предност од 3-6 голови. Македонија се обидуваше да се врати во натпреварот, тоа им успеа на крајот кога со пет голови во серија израмнија на 28:28, а последните два гола за нас ги постигна поранешната вардарка, Андреа Седлоска.
Со оглед дека се работеше за натпревар за пласман, победникот мораше да се решава со изведување на седмерци. Таму подобро се снајде Исланд кој победи со резултат 32:30.
Најефикасна на натпреварот беше ракометарката на Вардар, Ивана Џатевска, која постигна 6 голови, додека во листата на стрелци се запиша и Сара Миновска со два погодока.