Tuesday ,10 December 2024
Последни:
Home > ЖРК Вардар > Втор тим > Моника Георгиевска: Преминот во Вардар Јуниор за мене е од големо значење, бидејќи ја остварив долго посакуваната цел
Моника Георгиевска: Преминот во Вардар Јуниор за мене е од големо значење, бидејќи ја остварив долго посакуваната цел

Моника Георгиевска: Преминот во Вардар Јуниор за мене е од големо значење, бидејќи ја остварив долго посакуваната цел

Моника Георгиевска е една од четирите ракометарки кои од младинскиот состав преминаа во редовите на Вардар Јуниор. Ова ќе биде едно ново искуство за неа, која започнува да тренира во школата на РК Кастратовиќ и ги има поминато речиси сите младински категории на ракометниот клуб Вардар. Има забележано настап и за првиот тим на Вардар, додека потпишувањето за Јуниор е нејзин следен голем чекор. Во наредново интервју ќе ве запознаеме целосно со Моника, со нејзините први почетоци, досегашните настапи и следниот предизвик, наречен ЖРК Вардар Јуниор.

1. Како се случи да се занимавате со ракомет, од каде желбата за овој спорт и што беше пресудно за да се одлучите да тренирате ракомет ?

Уште како мала бев прилично темпераментно дете и посебно ги сакав игрите со топка. Мојот татко од секогаш беше голем фан на ракометот и често ме носеше на натпревари, па од таму се роди желбата да почнам да тренирам и играм ракомет, кое подоцна се покажа како вистинско решение.

2. Каде започнавте за прв пат да играте ракомет и под водство на кој тренер ?

-Во 2008 година почнав да тренирам во РК Кастратовиќ, каде што мои први тренери беа Индира и Зоран Кастратовиќ, кои во мене всадија голема љубов кон овој спорт. Благодарна сум што ме научија на првите почетоци во оваа игра. 

3. Дали Моника има посебна визија за успех во ракометот и како го гледа овој спорт ?

-Овој спорт целосно ме исполнува и со задоволство ги прифаќам предизвиците кои истиот ги носи. Како и секој играч и јас имам желба за успех и врвни резултати. Ракометот, пред се секој спорт, претставува добар начин да се изгради цврст карактер, како и да се создадат нови пријателства и да се стекнат здрави навики.

4. Колку години сте во ракометниот клуб Вардар и дали може да ни издвоите некои моменти кои останале во вашето срце ?

-За Вардар настапувам од својата 13-та година. Откако сум дел од колективот на Вардар како посебни моменти би ги издвоила: повикот за настап во првиот тим на Вардар и остварување на мојата досегашна цел, да бидам дел од вториот тим на ЖРК Вардар.

5. На што ве асоцира името Вардар и колку овој клуб ви помогна да се развиете во голем играч ?

-Вардар за мене претставува најголем спортски македонски бренд и чест ми е што сум дел од овој ракометен гигант. Ме научи да се соочувам со предизвиците, никогаш да не се откажувам и максимално да се посветам на целта.

6. Изминативе две сезони ( како кадетки и младинки) бевете вицешампиони на Македонија, после екипата на Металург. Може на кратко да ни ги опишеш овие две години и што беше пресудно за тимот од Автокоманда да заврши на првото место ?

6. Поминаа две напорни сезони во кои не успеавме да го освоиме шампионското место. Имавме многу подеми и падови, се соочивме со многу повреди, но сепак не се предадовме. Противникот ги искористи овие наши слабости и на тој начин го освоија пехарот.

7. Имате настапи за кадетската репрезентација на Македонија. Какво е чуството да се носи националниот дрес на својата држава ?

-Чувството да ги браниш боите на својата татковина е неописливо и пред се претставува голема чест и гордост. Секој спортист сонува да го носи дресот на својата земја.

8. Од следната сезона ќе имаме можност да ве гледаме во Вардар Јуниор. Колку овој чекор значи за вашата понатамошна кариера и што може да очекуваме од Јуниор во наредната натпреварувачка сезона.

-Преминот во втората екипа за мене е од големо значење, бидејќи ја остварив долго посакуваната цел. Ние како нови и помлади играчи ќе се потрудиме да се вклопиме во новата средина, максимално ќе се подготвуваме за новата сезона и предизвиците кои не очекуваат. Се надеваме дека ќе постигнеме поголем успех од минатата сезона, изјави Моника Георгиевска за Вардар Фанс.

Звонко Ивановски