Едно од засилувањата кои пристигнаа на почетокот на оваа сезона во редовите на ЖРК Вардар, беше пикерот Драгана Цвијиќ која дојде од екипата на Будуќност. Таа во интервју за веб сајтот на ЕХФ говореше за доаѓањето во новиот клуб, како и за очекувања со Вардар во Лигата на Шампионите за оваа сезона. Цвијиќ вели дека вардаровите навивачи брзо ја засакале, со оглед дека не им беше баш омилена додека го носеше дресот на екипата од Подгорица.
-Нормално беше што фановите на Вардар не ме сакаа бидејќи во минатото играв многу дерби натпревари против Вардар за Будуќност и доколку играте добро јасно е дека противничките навивачи нема да ве сакаат. Кога дојдов тука знаев дека фановите ќе ме засакаат од првиот меч затоа што секогаш го давам најдоброто од себе кога сум на теренот, без разлика на дресот што го носам.
Во претходните четири сезони на Вардарки им недостасуваше среќа да го освојат трофејот во најголемото натпреварување, пред се минатата сезона кога во големото финале бевме поразени од Ѓер, дури по продолженијата од по пет минути.
-Убаво е да се слушне такво нешто, но јас мислам дека треба да се подредат многу работи за да се дојде до титулата. Во првите две сезони, Вардар имаше два или три добри ростери и беше тешко да им се даде шанса на сите. Оваа сезона тимот има одлични играчи на секоја позиција и функционираме како тим. Заслужуваме да го кренеме трофејот во Букурешт.
По само една сезона во црвено-црниот дрес, Цвијиќ ќе мора да го напушти Вардар, а таа веќе ја договори и следната дестинација, а тоа е екипата на ЦСМ Букурешт.
-Иако сум една сезона тука, емоционално се приврзав за клубот. На сите ни беше тешко да играме кога клубот ни ги кажа плановите за иднината, не е лесно да играш кога не знаеш каде ќе бидеш следната сезона. Во меѓувреме јас, Лекиќ и Радичевиќ потпишавме за Букурешт, па го решивме тој проблем.
Цвијиќ има една и единствена цел за оваа натпреварувачка сезона, а тоа е, со Вардар да ја освои Лигата на Шампионите.
-Со сета почит кон тимовите кои ќе учествуваат на Ф4, јас дојдов во Скопје за да го освојам трофејот. Сигурна сум дека ќе ја оствариме целта. Тоа би било перфектен крај на сезоната, не само за играчите, туку и за навивачите.