ЖРК Вардар оваа сезона игра фантастично, како и на есен така и на пролетва е конкурент за сите три круни. По заминувањето на моќниот “Европски Вардар“, тешката задача за одбрана на двојната круна падна на младиот кадетски тим од изминатата сезона. Тие одлично се справуваат со предизвикот, во продолжение ви носиме интервју со една од клучните “фигури“ на овој состав, станува збор за Симона Грујовска голман со најдобри бројки во тимот. Нејзините ракометни почетоци започнале како лево крило, потоа ја заменила позицијата со онаа помеѓу стативите, што денес се покажува како животно исправна одлука. Токму како “чувар на мрежата“ покажа дека може да смета на неа во црвено-црниот тим и македонскиот ракомет воопшто за во иднина. Во Вардар дојде како трет голман во пионерскиот состав пред повеќе од две години, денес е сениорката со најдобри бројки на само 15 годишна возраст. Премлада е, но се носи со неверојатно добро, поточно одлично, со голема леснотија со “товарот“ кој го донесува со себе светиот црвено-црн дрес со бројот 12.
При сите “пресеци“ кои ги направивме на скорот на вардаровото голманско трио имаше најголем број интервенции за своето име. Информациите може да се најдат во следните наши текстови- “Царчевите ангели“ клуч на успехот на Вардар, Грујовска со најдобар скор..“ посветен на есента во Супер лигата, и на“Пулените на Царчев, со неверојатни 52% успешност, Грујовска со највеќе интервенции..“ -посветен на првите четири младински кола. Покрај тоа на единствениот Куп дуел, против Гевгелија имаше најдобар скор од цел тим со бројот “9“ зад нејзиното име. Нејзиниот стил на бранење е одличен, доминира во одбраната на “зицери“, одлично брани со нозе, перфектно и молневито реагира и при удри кои се бранат со рака, поставувањето на телото на линија на ударот го изведува со голема вештина. Едноставно нема сегмент во кој неуспева да биде перфектна. Постојано е околу или над 50% одбранети удари, што е неверојатен факт за ракометен голман. Стилот кој го негува е убав за око, атрактивен за гледање, но пред се делотворен во натпреварите. Нејзин тренер е Царчев кој неброен број пати го потенцира како “виновникот“ за нејзиниот молњевит напредок. Се ова не можеше да остане не забележано, по првата покана изминатата година, во текот на оваа недела доби покана по втор пат по ред од селекторот Јулијана Дамчевска, за настап на дуелите со Црна Гора во дресот на македонската младинска селекција како потврда за одличните настапи. Таа единствена од вардаровите голмани доби прилика од селекторот, иако има 15.години и е најмлада помеѓу голманите во тимот. Секогаш “блеснува„ на клучни дуели, како тие со Металург кога станаа пионерски шампиони и ја прекинаа доминацијата на сино-белите или пак во на “жешките гостувања“ во Автокоманда како што не очекува во текот на утрешниот ден. Големата љубов кон нејзината позиција во тимот ја преточува во настапи вреди за пофалба и обележување.
Особено добро влегува “психолошки“ во нови предизвици во кои како по правило е најмладиот член на тимот, лани така блесна на првото сениорско деби за Вардар, претходно и на првиот финален дуел на Ф-4 како пионерка, покажа дека може да биде одлична и на првиот меч со Куманово сезонава кога нејзиниот тим беше “фрлен во оган“ да дебитира во цел состав како сениори, последен пат доминираше и на Куп напреварот кој е прв од таков вид за овој состав во нивните кариери. Очигледно покрај квалитетите кои ги поседува како голман, како личност покажува големата храброст, што е позитивна нејзина карактеристика. Овој спој на голмански квалитет и зрелост во настапите е повеќе од потребен за нејзините настапи на спортските борилишта каде се бијат ракометните “битки“.
Покрај фантастичните бројки инспирација за ова интервју ни беше и текстот на најчитанот македонски спортски сајт “Гол.мк“ посветен на неа каде беше опишана од нивната редакција на следниот начин:
-Ако, Дејан Милосављев кој е дел од РК Вардар го носи епитетот на „бејби Штербик“, тогаш Грујовска може да се нарече „бејби Лејно“. Тукушто наполни 15 години, но и покрај тоа добива редовна минутажа од Симе Симовски, а за нејзиниот талент говори статистиката сама по себе.
-Подготовките оваа зима дадоа плод на самиот почеток кога стартувавме со 100% ефект. Одлично тргнавме во младинската и Супер лигата и со Куп триумфот во ¼-финалето во кој токму Грујовска имаше најдобри бројки од голманското трио.
*Подготовките поминаа одлично. Напорно работевме и се уште работиме на физичката подготвеност и тактичкиот дел. Атмосферата во тимот е одлична, оптимисти сме и се надеваме на одлично продолжување на пролетната полусезона. Колку вредно и предано работиме покажа самиот старт на сезоната кога дојде бенефитот од нашиот труд преку победите во почетните дуели. Секогаш вредната работа се валоризира преку успесите постигнати на теренот, токму успехот во мечевите се мерило за нашата преданост. Се надевам и дека во продолжението од сезоната ќе работиме на високо ниво.
- Нејзината ракометна “бајка“ се остварува во црвено-црниот дрес. Во вардаровиот табор дојде како трет голман на пионерскиот состав, сега е првотимка, единствена со троцифрен ефект есенва, единствена со репрезентативна покана од триото голмани. Нејзината кариера потсетува на бајката за трансформацијата од „пајчето во Лебед“ за краток период со запрепастувачка брзина на очиглед на сите. Младиот талент кој прераснува во квалитетен голман ни одговара колку труд, откажување, себе одрекување и енергија се потребни да се мине овој пат.
*Несомнено за да се стигне до посакуваната цел треба упорност, труд, максимално вложување, жар и многу работа па така јас мислам дека она што го постигнав до сега е благодарение на овие фактори. Сакам да акцентирам дека најзаслужен за моите досегашни настапи е тренерот за голмани на Вардар, Александар Царчев на кој сум му бескрајно благодарна. Неговото менторство, совети, голема предност кон нас голманите и мојата посветеност донесоа напредок, сепак сеуште треба да се работи и да се вложува труд во остварување на зацртаната цел. Талентот е важен, сепак само работа, работа и многу труд може да ја донесе целта која е посакувана.
- Кога ќе ја анализираме есенската сезона, забележуваме дека токму таа доби највеќе прилики за настап, воедно “собра“ најголем број на интервенции. Јасно е дека довербата која и ја укажа стручната фела во тимот за неа е поради квалитетот кој го поседува. Покрај тоа и поради фактот што знае да “зграби“ прилика кога и да и се укаже, во клучните минути од дуелите, особено во моменти кога се “крши“ еден дуел.
*Многу сум благодарна за довербата која ми ја дадоа тренерите Симе Симовски, Драгана Ристова и Александар Царчев и се надевам дека ја оправдав истата со она што го прикажав. Задоволна сум од досегашните свои настапи, иако како и секогаш може и мора подобро. Секогаш своите настапи ги ставам во функција на тимот, во екипните спортови на “крајот од денот“ важен е успехот на сите нас како колектив и заедничката радост која доаѓа од успесите кои ги постигнуваме.
-Ракометот е напорен спорт, како и повеќето тимски спортови. Една млада личност како неа мора да го организира времето, има настап во две лиги: сениорската Супер лига и младинска, голем број на тренинзи, а воедно активно го формира и своето средно образование. На сите полиња е повеќе од успешна, сето тоа бара многу труд, голем фокус и посветеност на обврските, пред се желба, одговорност и преданост. Како една млада успешна ракометарка го постигнува сето тоа со успех дознаваме во продолжение.
( Откажувањата, трудот и постојаниот тренинг вродија со плод, нејзиниот успон кон ракометните височини е загарантиран )
*Овој спорт како и секој друг бара многу откажувања. Велам, секој доколку сака може да најде време за се. Моето време го организирам доста добро и успевам да ги извршам покрај сериозните спортски, така и училишните обврски. За многумина ова звучи тешко, но за мене не е воопшто тешко, бидејќи го правам тоа што го сакам. Бидејќи го живеам мојот сон, мојот ракометен сон. За него вреди да се бориш, без разлика на препреките и неминовните откажувања кои се секако потребни во голема мера.
-По доаѓањето во Вардар и по првите нејзини успеси ја имавме и првата изјава за Вардарфанс.мк од неа како пионерка. Уште тогаш се гледаше нејзиниот “Х-фактор“ кој го носи во себе. Во тие моменти ни кажа дека љубовта кон ракометот и спортот воопшто ја наследила и добила од твојот татко. Побаравме мислење колку семејството, поддршката од нив и од најблиските се потребни за успешно напредување на еден спортист.
*Точно како што кажав и тогаш љубовта кон ракометот, првенствено кон спортот ја наследив од мојот татко, за што сум му бескрајно благодарна бидејќи како млад човек ме насочи на вистинскиот пат во мојот живот. Поддршката од моето целокупно семејство ми значи премногу, често кога се во можност во полн состав ги следат моите настапи. Тие се мој најголеми фанови, но и критичари во моментите кога е тоа потребно, искрени се со мене и за мое добро ми укажуваат на аномалиите на некој мој настап. Секако заедно ги анализираме мечевите, добивам пофалби за се она што добро сум го одработила на теренот. Нивната доверба, љубов и поддршка која ја добивам постојано ми значи и како спортист и како човек.
-Неколку тренери од почетокот до сега работеа со неа, секој од нив вградил еден мал сегмент во нејзинот напредок како и кај секој спортист. Сепак таа истакнува дека големиот ракометен стручњак, неуморниот работник, преданиот педагог и нејзиниот сегашен тренер Царчев Александар без дилема е најзаслужен за „квантниот“ скок на нејзините голмански перформанси.
*Како што споменав кога станува збор за моите тренери од почетокот до сега во овие десет години “дружба“ со ракометот, најзаслужен за она што сум денес е тренерот на голмани во Вардар, Александар Царчев со кој работам и напредувам. Покрај него од секој тренер научив многу работи за ракометот и секој тренер остави печат во мојата досегашна кариера. Сепак напредокот во оваа фаза од мојот спортски развиток пред се му го должам на него, тоа е неодминлив факт.
-Оваа сезона повеќето од девојките дебитираа во сениорска лига, но не беше тоа тоа прво искуство на Грујовска, кај неа се оди толку рано во животот што е просто неверојатно. Па така таа на само 12.год во Ѓорче добиваше шанса и знаеше како „џокер“ од клупа да фати пенал на сениорски дуел. Измината сезона на мечот со Гевгелија дебитираше во Супер лигата на 13.години. Тоа беше дуел за паметење за неа, ама и за сите во салата кои беа зачудени од нејзиниот перформанс, за 25.мин впиша 13 интервенции, добар дел крајно атрактивни на кои ривалките едноставно не можеа да најдат контамерка за да ја совладаат па и од изгледни прилики. Премлада го искуси „жарот“ на сениорската лига, но секогаш одговараше со зрели настапи на тие дуели. Сите овие искуства и ја олеснија адаптацијата на сениорската лига годинава.
*Можам да кажам дека искуството што го стекнав претходно многу ми помогна оваа година во адаптацијата во Супер лигата, едноставно тоа беше драгоцено за мене како млад голман да се сретнам со тоа ниво на натпреварување така рано. Претходното искуство на овие дуели ми помогна и многу полесно успеав преку овие настапи да добијам “слика“ како е да се настапува на сениорски дуел, што беше повеќе од вредно искуство кога започна токму оваа сезона кога целиот тим минавме во сениорската женска конкуренција.
- Грујовска е дел од успешната приказна наречена ЖРК Вардар. Девојките оваа есен завршија како лидери на младинската лига и во топ-3 во Суперлигата. Пролетва го задржаа истиот тренд, тие беа “отпишани“ лани кога добиа задача да го наследат “галактичкиот“ Вардар на сениорска сцена. Како успеаа девојките, која е нивната тајна за успех дознаваме од една од “ударните игли“ на овој одлично вкомпониран тим, девојката која неретко е “последна брана“ пред противничките напади и дава сигурност во тешките моменти со своите интервенции помеѓу стативите. Таа само есента имаше неверојатни 120 интервенции зад своето име, што беше огромна и непроценлива помош за тимот.
* Повторно ќе кажам дека сум задоволна иако секогаш може подобро, но треба да се напомене дека иако не сметаа за аутсајдери ние го докажавме спротивното и докажавме дека сме фаворити за титулата и покрај тоа што играме против повозрасни. Не гледаме кој ни е ривал, влегуваме со иста борбеност на сите дуели. Нашите најсилни оружја на мојот тим се: мотивираноста, воиграноста, тимскиот дух и желбата за победа на секој натпревар. Тимот изобилува од девојки со цврста воља, решителност, одлично вкомпонирани и перфектно водени од стручниот штаб оваа сезона. Резултатите ќе си дојдат, наше е да се предадеме во целост на таргеираната цел- успешни настапи во сите конкуренции каде и да земеме учество.
(Тимскиот дух, мотивираноста и големата поврзаност носи успех- вели Грујовска )
-Пред нас е расплетот во пролетниот дел, на сите три фронта тргнавме добро, сепак треба да ја валоризираме доминацијата во оваа сезона на сите полиња. Сите алки фунционираа одлично, сепак велат добар голман-половина тим. Во продолжение очекувањето на репрезенативката за клубските натпревари кои престојат во продолжение од сезонава.
* Добро тргнавме, во сите три конкуренции што ме радува. Очекувам многу возбудливи и квалитетни натпревари кои ќе бидат интересни и со посебен жар, многу борба и битка за секоја топка. Мојата желба е да одиграме најдобро што можеме, како колектив да дадеме се од себе и потоа успехот ќе дојде сам по себе. Во Купот сме на Ф-4 каде ќе се бориме за врвот, како и во лигата каде сме учесници во плеј-офот ќе дадеме максимум бидејќи ние сме Вардар. Судбината сакаше во младинската лига клучниот дуел да е со Металург, за истиот ќе кажам, која и од нас да настапи дека ќе се бори со цело срце, ќе одиграме тимски, може да ветам “спартанска“ пожртвуваност на целиот мој тим на оваа дерби.
-Најчитаните спортски медиуми во земјава ја нарекоа “Бејби Лејно“, таа го доби тој епитет поради тежината да ја замени “12-ката“ од лани која ја носеше на својот грб од европската ракометна голманска ѕвезда. Грујовска освен по успешноста, истиот број на дрес, потсетува на Лејно и по стилот, одличните одбрани со нозе кои се нејзин “специјалитет“ и беспрекорната сконцетираност во клучните моменти. Покрај за овој добиен “прекар“ разговараме и за тоа кој е нејзин пример и идол во женскиот ракометен свет.
(Лејно и Тес Вестер се нејзините идоли, дали таа ќе биде нечив идол во иднина….останува да видиме..)
* Мене ми се допаѓа епитетот Бејби Лејно, кој го добив од новинарите на најчитанот спортски веб-сајт во земјава. Сепак, велам дека треба уште премногу напорна работа, многу настапи, за да бидам како неа. Кога сме кај голманите кои се мој пример како на млад спортист, токму поранешната вардарка Лејно и голманот на холандската репрезенацијата, секогаш одличната, Тес Вестер се моите идоли. Тие се огромни ѕвезди во женскиот ракомет, нивните квалитети се планетарно познати, би сакала еден ден да бидам како нив.
-Спортот сам по себе носи успеси и падови, тоа е составен дел од кариерата на секој спортист како и на нејзината. Кои моменти ја разочарале, а кои и оставиле впечаток во изминатата сезона дознаваме во продолжение од девојката која поставува високи стандарди на црвено-црниот гол во сите натпреварувања сезонава, без разлика на лигата или ривалот кој го има од спротива.
*Според мене за ништо не треба да се разочаруваме бидејќи тоа е лекција за да бидеме подобри во иднина. Во спортот “лекциите“ од минатото се добар показател за насоките во иднина. Секоја победа за мене е светол момент, но ако треба да издвојам најмногу ќе ја паметам 2018 по неколку светли моменти, односно три кои ја одбележаа годината за мене.
Првиот момент е освојувањето на “среброто“ во младинска лига, вториот е дебито кое го имав во Супер лига за вториот тим на Вардар, односно Вардар Јуниор. Последно нешто за одбележување е оној кога дојде влезот во првиот тим на Вардар како и дебито за него како поседен момент кој е вреден да се посочи за изминатата година, за мене како млад голман.
-Сите спортисти и веќе оформените, но и младите кои се во подем кон врвот и работат на усовршување од ден во ден како неа имаат свое мото. Вардаровата „Бејби Лејно“ исто така има свое.
*Моето мото е: Постави си цел и работи се додека не ја оствариш. Само тоа е патот до остварување на сонот, не постои ниеден друг и јас сум свесна за тој факт. Покрај ова исто така секогаш велам и следното: Никогаш не се откажувај од она што го сакаш, а мојата цел во животот е да бидам среќна.
( Мотото и е: Постави си цел и работи се додека не ја оствариш )
-Во животот убавите работи идат во “тандем“. Па така вака квалитен и разновиден голман има прилика да ја гради својата кариера во големниот бренд Вардар. На што ја асоцира младата репрезентативка тоа име дознаваме на крајот од ова интервју.
*Самото име “Вардар“ ме асоцира на следниве поими: традиција, љубов, гордост, големина и секако шампион. Сите тие епитети се неодминлив дел од асоцијацијата која ја имам за името на најголемиот бренд број еден во сите спортови во нашата земја. Посебно ми е драго што сум дел од успешното црвено-црно семејство наречено “Вардар“. Се надевам токму овде ќе се профилирам во врвен голман.