Финишираше и втората сезона на ракометната Јуниор“ лига, која и оваа година донесе многу возбудувања, квалитетни натпревари, дружење на ракометните школи и секако едно поголемо искуство за наредната сезона. Веќе ги имаме победниците во секоја возрасна генерација, односно првите четири пласирани екипи, кои обезбедуваа место на завршниот турнир на најдобрите екипи во секоја категорија. Во женскиот дел кај генерацијата родени 2000/01 второто место им припадна на РК Карпош од Куманово, кои во големото финале беа поразени од РК Филип од Прилеп. Ова е голем успех за школата од Куманово со оглед дека ова за нив беше дебитанска сезона во ова натпреварување. Нивни член беше Ангела Јакимовска, која даде свој придонес во постигнатиот успех на РК Карпош.
-Воодушевена сум од проектот на РК Вардар и сум пресреќна што сум дел од него. Мислам дека е одличен начин за откривање нови, млади, ракометни таленти. Истата има огромно значење за мене и мојот тим, со секоја победа и пораз во лигата се повеќе се изградуваме како личности и ги осознаваме вистинските вредности во животот.
Во полуфиналето, РК Карпош убелдиво ја совлада РК Виница, со двоцифрена разлика и резултат од 20:10. Токму Јакимовска беше предводник во триумфот, завршувајќи како прв стрелец со 6 постигнати голови.
-Највпечатливо од сезонава беше самото чувство да се игра финалето и среќата додека ги давав 6те гола, кои многу ми значеа, иако освоивме второ место кое беше преголем успех и донесе многу радост на нашата екипа. Тоа што издржавме до самото полуфинале беше преголем успех, а пак победата против Виница и помислата за финалето беа исполнување на нашите соништа.
Како тренер во РК Карпош работи, Наташа Младеновска-Ѓорѓевиќ која е поранешна репрезентативка на Македонија и играч во неколку екипи од нашата земја, меѓу кои Куманово, Еуростандард Ѓорче Петров, Кометал Ѓорче Петров, РК Кале Кичево и ЖРК Металург.
-Тоа што имаме прилика да учиме од најдобриот ни причинува преголема чест.Нејзиното искуство и секој детал за случувањата на терен ни ги пренесува, а тоа ни овозможува се повеќе да напредуваме. Знаењето кое го има таа за овој спорт овозможува одговор на секое наше прашање и решавање на секоја недоумица.
“Јуниор“ лигата е “скалило“ погоре за секој играч, кој во иднина сака да продолжи да се занимава со ракомет и да стане успешен во овој спорт.
-Презадоволна сум и горда на себе, но сиот мој успех исто така се должи на мојата екипа. Ние сме семејство, кое заедно учи да победува и губи. Заедно стануваме успешни спортисти. Можеби премногу сонувам, но сакам еден ден да играм за тимот на Вардар, а можеби и еден ден да го носам националниот дрес. Иако ова е само моја желба, се надевам дека Лигата е скалило до мојата цел.
Звонко Ивановски