Кадетките на женската ракометна репрезентација стигнаа и до втора победа на ЕХФ Шампионатот во Литванија. Избраничките на Савевски беа подобри токму од домашната репрезентација на Литванија, која ја совладаа убедливо со резултат 15:28.
Уште од самиот старт се виде во каков тек ќе оди овој натпревар, откако Македонија се одлепи резултатски на три гола. Како одминуваше првиот дел само ја зголемувавме предноста, а нашата одбрана беше на високо ниво, така на полувреме заминавме со предност од 7:14.
Во вториот дел, репрезентацијата на Литванија се обидуваше да се врати во игра, но најмногу што успеа е да намали на шест гола негатива. Нашите надежи влегоа во нова серија на погоди и стигнаа до двоцифрена предност, па беше само прашање со каков резултат ќе заврши овој натпревар. На крајот висока победа изразена со резултат 15:28.
Од вардаровите ракометарки во листата на стрелци успеа да се запише сами Бојана Коцева која постигна еден гол. Со оваа победа, Македонија се доближи на чекор до пласман во полуфиналето.