Кадетките на ракометниот клуб Вардар се вратија на победите во лигата, откако вечерва во спортската сала “Цар Самоил„ во Свети Николе убедливо ја победија екипата на Овче Поле. Конечниот резултат на овој натпревар гласеше 21:37.
Имаше само едно израмнување на натпреварот и тоа на стартот во првата минута, кога двете екипи ги реализираа своите напади, по што екипата на Вардар направи серија од 0:3 и повее со 1:4. Постигна нов гол домашната екипа, но Вардарки вратија со серија од четири погодоци и на стартот резултатски се одлепија, кога резултатот на семафото гласеше 2:8. Истава разлика ја одржувавме и по 15 минути игра, кога водевме со 6:12. Овче Поле се обидуваше да парира на нашиот состав и во еден момент намали на 9:13, но Вардарки покажаа дејка се во добра форма и со нов налет и серија од 0:6 веќе имаа двоцифрена предност од 9:19. До крајот на првото полувреме го одрживме водството и на одмор заминавме со резултат 11:20.
Во второто полувреме шанса за настап добија сите ракометарки кои не влегоа во првиот дел. Избраничките на Пецевска одржаа предност која се движеше од 9-11 голови разлика. Така беше се до послените шест минути, кога при резултат 21:31, црвено-црните направија серија од 0:6 и го завршија натпреварот со убедлива победа од 21:37.
Најефикасни во нашите редови беа бекот Седлоска и крилото Петковска кои постигнаа по 6 голови. Ова беше втора победа за кадетките на Вардар Јуниор, кои имаат и еден нерешен резултат.
Вардар Јуниор: Трајкоска, Гроздановска 2, Арсовска, Дамјановска 3, Гонзалес 2, Ѓорѓиевска 5, Петковска 6, Грујовска, Софтовска 2, Наскоска 3, Џатевска, Костовиќ, Миновска 4, Седлоска 6, Коларовска 3, Галевска 1.
Тренер: Драгана Пецевска.