Вардар Јуниор го доби дербито против Металург во женската лига, на стартот од новата натпреварувачка сезона. Избраничките на Симовски заслужено стигнаа до победата (27:25), со оглед дека му дозволија на противникот само едно и единствено водство и тоа она на стартот кога екипата од Автокоманда го отвори резултатот. Во продолжение од натпреварот, младите Вардарки имаа постојана предност која достигна и седум голови разлика и ниту во еден момент не му дозволија на Металург посериозно да се доближи. За нашиот сајт впечатоците од победата ги сподели голманката на Вардар и младинска репрезентативка на Македонија, Слободанка Кицеска која е најзаслужна за првиот триумф на овој млад состав во новата сезона.
Вардар-Металург отсекогаш претставувало дерби помеѓу овие два тима, кој долго се очекува од нас играчите но и од страна на публиката. Според мене во сите 60 минути се играше квалитетен натпревар, водството го имавме низ целиот натпрневар не дозволивме ниту еднаш противникот да го превземе натпреварот во свои раце. Знаевме дека не чека голема борба затоа влеговме со голема мотивација, ладни глави и концентрирани само на натпреварот без да го потцениме противникот.
Херојот во победата на Вардар Јуниор беше токму Кицеска, која успеа да одбрани дури осум удари од седум метри. Натпреварот го заврши со 13 успешни интервенци и постави нов рекорд во женската супер лига.
-Голема благодареност до тренерот Александар Царчев без кој ништо од ова немаше да биде реалност, за ваков натпревар како што кажав и пред тоа беше потребна голема концентрација, па тоа и го даде својот резултат да го поставам новиот рекорд во Женската Супер лига со 8 одбранети пенали.
Одличен старт на сезоната за овој млад состав на Вардар Јуниор кој ја доби првата битка со најголемиот ривал за освојување на второто место, на крајот од сезоната.
-Приредивме одлична игра за сите љубители на ракометот, а резултатот си дојде сам по себе, имаше на моменти и кризи во нашата игра, но девојките го дадоа својот максимум се бореа до крај како вистински лавици. Исто така и нашата клупа беше во одличен жар и атмосфера , со други зборови сите 16 девојки функциониравме како едно.
Вардар Јуниор во најголем дел го сочинуваат ракометарки кои минатата сезона беа дел од младинските екипи на клубот. Натпреварите во најсилната домашна лига ќе бидат од големо искуство за младите ракометарки, како и поголем мотив за работа и докажување.
-Оваа млада екипа на Вардар има големи предиспозиции и квалитет, се работи напорно и секоја од нас има сон и желба да го достигне ракометниот врв, па еден ден ден и да заиграме во дресот на првата екипа на Вардар. Да бидеме достојна замена на оваа генерација и да ги продолжиме нивните успеси и победничката историја на овој клуб.
Звонко Ивановски