Девојките кои го добија прекарот „Лавици“ по многу нешта во оваа 2019 година го одбележаа македонскиот женски младински ракомет. Пионерската екипа на Вардар предводена до Платон и Папуџиева е одлично селектиран тим кој „гази“ на сите полиња. Две домашни титули, пионерска и кадетска бројни награди на турнири, екипни и поединечни ги остварија во изминатата сезона. Во оваа сезона, есенва веќе на одмор заминаа како лидери во пионерска категорија и најверојатно по дербито во недела иста ќе биде ситуацијата и во кадетската лига.
Овој тим има дузина одлични ракометарки, но една се двои по своето лидерство, средниот бек Коцева Бојана. Таа е најблескавиот камен во „шампионската круна“. Средниот бек на вардарки е девојка која од своите почетоци во ракометот кои ги следевме и ние од Вардар фанс кога настапуваше во Вардар Јуниор лигата па се до сега „жнее“ лични признанија. Станува збор за девојка која е жесток борец во нападот, нејзината предност е во многу сегменти, покрај брилијантниот ум за брзо донесување одлуки што ја прави идеален среден бек, таа има храброст, енергија, вештина и големо срце тоа да го реализира. Максимално е подготвена физички, супериорна е во однос на ривалките, игра на високо ниво па во моментов може да настапи во било која сениорска екипа во земјава со исто таква успешност како и во својата категорија. Нашиот број.91 е постојана опасност за обраната на ривалот, продира од секаде, нејзините игри се вистинска „синфонија за око“. Има многу енергија, нејзините игри се на исто ниво од почетокот до крајот на мечот, неисцрпноста на енергијата, но и на кративноста е нешто што и два квалитет плус. Ја краси ведар дух, максимална концетрација, молњевитост при влезовите, креативност при асистенциите, лукавост при играта во одбраната кога е тоа потребно. Сите нејзини спортски каракеристики мораат да се опишат со суперлативи, едноставно таа е девојка која е „бисер“ на овој состав. Пред неа е блескава ракометна иднина, големото ракометно ѕвездано небо чека на нејзината ракометна зрелост.
-За почетокот на интервјуто, Бојана ќе не запознаее со нејзините први ракометни „чекори“. Со тоа како започна да се занимава со овој спорт во кој сега повеќе од пола деценија потоа е врвен талент и неприкосновен играч на својата позиција во црвено-црниот тим.
*Јас сум Бојана Коцева и ракомет тренирам веќе шест години, моите почетоци во овој спорт датираат некаде од крајот на 5тото одделение. Тогаш во основно училиште со мојата близначка, Борјана се запишавме во клубот “Ново Лисиче Вардар”. За тој клуб се распрашавме од нашите другарки од училиште кои што веќе тренираа таму, добивме позитивни коментари и решивме да започнеме. Тренери ни беа кога стартувавме: Анжела Платон, Марија Аврамовска и Ана Деспотовска. Интересно првата година играв на позицијата пивот, а подоцна почнав на сегашната, среден бек место кое ми ја предодреди кариерата, позиција на која секогаш се чуствувам најдобро и го давам максимумот за мојот тим.
-„Вардар јуниор лигата “даде плод, овој голем проект на Академијата на РК Вардар создаде и издеференцира многу таленти од „масата“ на деца кои играа во неа. Токму во таа лига своите почетоци ги направи Бојана, таа уште тогаш покажа дека е вонсериски играч. Задолжително ги „собираше“ поединечните награди.
*Во, „Вардар јуниор лигата“ се моите почетоци со натпревари против други екипи, таму научив многу за ракометот и тимската работа. Можам да кажам дека Вардар Јуниор Лигата претставува одличен проект за афирмација на младите ракометари кои потоа добиваат прилика како мене во селекциите на црвено-црниот тим. Дефинитивно тоа е проект за поздравување.
-Измината сезона 2018/2019 беше успешна за нејзиниот тим. Две домашни титули, два меѓународни турнира. Коцева не само што беше дел од сето тоа, туку беше една од главните, а на моменти и главен двигател во овие успеси на пионерската екипа.
*Успешната ланска сезона се должи на напорните тренинзи предводени од нашиот тренерски тим Анжела Платон, Марија Папуџиева и советите на Индира Кастратовиќ. Резултат од нивното несебично вложување е освоеното прво место во пионерската и кадетската лига во Македонија, потоа освоеното прво место на меѓународниот турнир Гази Баба и прво место на меѓународниот новогодишен турнир во Белград каде што учествуваа 17 екипи од Балканот и пошироко. Сето тоа беше спој на нивната одлична работа и нашатата, тимска посветеност кон целта, Вардар да го искачиме на тронот каде и да настапуваме.
-Колку е голема нејзината улога во тимот покрај она што ние кои го следиме тимот на натпреварите може да го забележиме, не останува не приметено на завршниците. Таа „жнее“ од нејзините почетоци па до денес лични признанија на натпреварувањата каде што зема учество.
*Поединечните награди ми се поттик да продожам напорно да работам, тие ми покажуваат дека сум на вистинскиот пат за да ја остварам мојата цел. Сепак мора да признаам дека ниедна поединечна награда неможе да се спореди со тимскиот пехар, таа радост за тимски успех е посебна. Сепак ракометот е тимски спорт и многу повеќе ме прави среќна кога остваруваме заедно успеси како колектив. Секогаш тимските одличја за мене ќе бидат на прво место како спортист сега и во иднина.
-Неодминливо прашање е како е да се игра со и до нејзината сестра близначка, Борјана исто така талентирана девојка. Бојана уште од почетоците како ракометар, па и по селектирањето во пионерската екипа на Вардар настапува во тандем со неа.
*Еве веќе 6-та година заедно тренираме и се натпреваруваме со Борјана и можам да кажам дека чуството е неописливо, неможе така лесно да се дефинира тоа. Додатно позитивно е тоа што Борјана игра на позицијата лев бек во тимот, а пак јас среден бек така што дури и кога сме на терен сме една до друга постојано. Таа ми е мотивација на терен и верувам дека заедно ќе продолжиме да тренираме напорно, да напредуваме и да се усовршуваме во ракометната игра.
-Во пионерската лига нема што многу да се појаснува кој е вардаровиот тим. Лани со 12.победи од исто толку мечеви дојдоа до злато, сезонава на „зимски одмор“ заминуваат со 5.бода предност и лидерско место. Како овој наш вардаров „бисер“ ја оценува есенската полусезона каде со максимални 27.бода ја завршивме истата читаме во продолжение.
*Во пионерската лига завршивме на првата позиција оваа есенска, полусезона. Задоволни сме од успехот кој е постигнат досега во истата, но сега сме фокусирани на многу битен натпревар. Пред нас е дерби дуелот во кадетската лига против екипата на ЖРК Металург. Ова ни е многу битен натпревар, за да бидеме лидери и како првопласирани во кадетската лига да ја завршиме и оваа полусезона. Работиме напорно, жестоко и посветено и се надеваме на добри резултати и во продолжение од оваа сезона, се разбира сакам јас и остатокот од тимот да ги одбраниме двете „круни“ кои се во наша сопственост од минатата сезона.
-Вардаровиот тим го види познат и еминентен тренерски пар, Анжела Платон и Марија Папуџиева. Девојките под нивно менторство напреднаа до ниво да владеат со две категории во младинската ракометна конкурнеција. Платон воедно е и прв тренер од почетоците на Бојана, таа ги следи сите нејзини чекори.
*Со тенерот Платон Анжела сум од самиот почеток на моето запознавање и тренирање ракомет, па се до денес. Таа е одличен стратег и секогаш знае како да го извлече максимумот од нас играчите. Марија Папуџиева ја запознавме ланската година и оттогаш таа има голем уддел во нашиот тим. Сметам дека имаме врвни тренери со големо искуство и знаење кое секојдневно ни го пренесуваат нам, со голема несебичност. Задоволство и среќа е да соработуваме со ваков тренерски тим.
-Нејзината енергија е неисцрпена, постојано е во движење во два правци и е неуморен работник. Постојано е предана на ракометната игра, неуморна и пргава во дуелите, молневита во влезовите. Од каде ја „црпи“ таа бескрајна енергија за своите настапи оставаме да ни открие самата.
*Енергијата ја црпам од љубовта спрема ракометот. Од моментот кога прв пат почнав да играм, се до ден денес желбата за да се докажувам и за да успеам во моите достигнувања и докажувања е се поголема. Истата постојано се зголемува од ден на ден, како минува времето мојата желба и енергија за ракометната игра постојано расне со „геометриска прогресија“.
-За крај стандардното прашање за ваква надеж пред која е голема ракометна иднина, каде се гледа во иднината и кој е нејзин идол во спортот кој со така вешто го практикува.
*Мојот ракометен идол е „Eduarda Amorim“ која што игра за екипата на Ѓер. Од нашите вардарки и репрезентативки тоа се две сениорски, Седлоска и Џатевска. Во иднина се надевам дека ќе заиграм за првиот тим на Вардар и за репрезентацијата на Македонија. Тоа се моите амбиции за скора иднина, а за потоа ќе оставиме едноставно времето да покаже каде ќе ме однесе мојот ракометен пат- завршува младата вардарка, Коцева.
МИХАЈЛО ТУШЕВСКИ