Првата сезона на ракометната “Јуниор“ лига го доби својот крај. Изминатиов викенд се одиграа финалните натпревари во сите генерации од машкиот и женски дел. Во дебитантската година, лигата покажа задоволство кај сите учесници од нејзината организација. Можност да бидат дел од “Јуниор“ лигата имаа повеќе од 20 ракометни школи низ цела Македонија, кои се дел од академијата на ракометниот клуб Вардар. Ние како медиум продолжуваме со нејзина промоција и по завршување на истата. Актелни ќе бидат изјави од учесниците кои добија поединечни награди на завршниот турнир. Една од нив е Лора Крстевска од екипата на РК Кастратовиќ, со која го освои второто место кај генерацијата родени 2002/03 година. Уште како мала пројавила голема желба за ракометот и тренира од 9 години. Во следниов текст можете да ги прочитате нејзините впечатоци од лигата и задоволството од освоеното признание.
-Мислам дека ова е прав начин и голема можност за наше истакнување и напредок во ракометот. Многу сум задоволна од игрите и резултатите и во она што го покажавме во “Јуниор лигата“, но сепак на некои натпревари можевме и повеќе. Но ние знаеме дека второто место ни е заслужено и многу сме задоволни. Оваа лига ми даде голема можност да се покажам и имаше позитивно влијание на мене.
Лора ја понесе наградата за најдобар стрелец во оваа генерација. Таа во финалниот натпревар беше прв стрелец за својот тим, со вкупно 5 постигнати голови.
-Организацијата на “Вардар јуниор“ лигата предизвика големо задоволство од моите игри во првата сезона. Мојата поединечна награда како најдобар стрелец секако дека многу ми значи, истата ја споделувам со моите соиграчи, кои исто така се заслужни за мојата награда и голема благодарност за мојот тренер Здравка Дамовска која има најголем придонес за овој резултат.
Ова признание е само чекор понапред во остварување на целта. Голема желба на сите учесници во лигата е еден ден да заигра во младинските категории на РК Вардар.
-Искрено борејќи се за влез во финале, посакував да добијам награда, но не очекував и пријатно ме изненади и ми даде голем поттик за понатамошно мое унапредување во ракометот. Секако дека сакам и очекувам повик за настап во младинските категории на РК Вардар, изјави Лора Крстевска за нашиот сајт.
Звонко Ивановски