Женската екипа на РК Кузман го освои третото место на завршниот турнир во ракометната “Јуниор“ лига, кај генерација родени 2000/01 година. Избраничките на Александра Кузмановска и Александар Савов во борбата за третото место беа подобри од екипата на Академија 2 и на тој начин се закитија со бронзениот медал.
Почетокот на мечот не наговестуваше триумфален епилог за екипата на Кузман. Академија 2 многу подобро го започна овој меч и во првите пет минути имаше водство од 5:1, иако Кузман беше тимот кој го отвори резултатот. Во следните минути успева да намали на 5:3, но Академија 2 беше во постојана предност од два до три гола разлика. Последното највисоко водство за Академија беше при резултат 9:6. Од тој момент почнува нивната слаба игра, додека на спротивната страна Кузман почна да игра многу поодбро и со серија од три последователни гола да го израмни резултатот на 9:9. За момент Академија 2 ја врати предноста за 10:9, но следеше брз одговор на РК Кузман кој до крајот на првиот дел постигнува три гола, за на одмор да замине со предност од 10:12.
На стартот на вториот дел се играше гол за гол, а решавачкиот исчекор кон победата избраничките на Кузмановска го направија кога при резултат 12:14 успеваа со нова серија на погодоци да зголемат на 12:18, што беше и најголема предност за една од двете екипи на овој натпревар. Академија 2 не се откажа така лесно и на пет минути пред крајот успева да намали на 16:18. Конечниот резултат гласеше 18:21.
Најефикасна во победничкот тим беше Тамара Паланковска со 10 погодоци, додека Анамарија Божиноска беше стрелец на 5 голови.