Многу работи околу успесите на Жрк Вардар јуниор во новата сезона, ќе се вртат зад името на првиот чувар на мрежата, Нина Ладева. Младинската и кадетската репрезентативка на Македонија, на одличен начин ја започна новата сезона, навестувајќи дека супериорни бројки ќе бидат забележувани зад нејзиното име.
На првиот меч во Супер-лигата, против екипата на Прилеп, оваа млада надеж на македонскиот ракомет го заврши дуелот со неверојатни 24 одбрани. На противничките ракометарки во второто полувреме им дозволи да постигнат само три погодоци, а вкупно десет во сите 60 минути. Беше број еден играч кај Вардарки, кои заедно со најефикасната Нолевска, беа едни од најзаслужните за убедливиот триумф. Ладева има само 17 години и беше дел од младинската репрезентација на Европското првенство за девојки до 19 години, кое се играше во Валенсија. На два пати беше прогласувана за најдобар поединец во нашата селекција. Има забележано настапи и за првиот тим на Жрк Вардар. Уште сега се поврзуваат големи работи за младата голманка, чие време допрва доаѓа.