Saturday ,23 November 2024
Последни:
Home > ЖРК Вардар > Рајчиќ со 18 одбрани му донесе победа на Мец и прв пораз на Вардар во ЛШ
Рајчиќ со 18 одбрани му донесе победа на Мец и прв пораз на Вардар во ЛШ

Рајчиќ со 18 одбрани му донесе победа на Мец и прв пораз на Вардар во ЛШ

Вардар прв пат сезонава е поразен во Лигата на Шампионите. Во неизвесен натпревар, екипата на Мец славеше на домашен терен со резултат  24:22.

Во првото полувреме гледавме мал број на голови, што можеби и се очекуваше за еден ваков  натпревар. Двете екипи располагаат со најдобрите одбрани, па реално беше да гледаме цврста игра на двете страни. Откако Лекиќ го отвори резултатот, а Мец врати на спротивната страна, нашот шампион успеа да направи серија од 0:3 и да поведе со 1:4, откако Лејно одбрани, а во нападот погоди Лекиќ за нејзиниот втор гол. Црнагорската интернационалка на голот на Мец, Рајчиќ не дозволи Вардар да се одлепи уште на стартот, па со нејзината четврта одбрана, му овозможи на својот тим во 14 минута да го израмнат резултатот на 6:6. Следиме интересни 15 минути, најпрво Вардар поведе со 7:9 со погодокот од контра напад на Радичевиќ, за во следните пет минути да не постигнеме гол, а домаќинот со серија од 3:0 да направи резултатски пресврт и за прв пат на мечот да има водство од 10:9 во 24 минута. Во последните шест минути од првиот дел видовме интересно само еден гол, за Вардар да го израмни резултатот на 10:10. Иако и двете екипи имаа по два напади за предност, не успеаа да ги искористат, па на одмор се замина со нерешен резултат.

Второто полувреме тргна со гол на Заади, а Вардар врати со два последователни гола дело на Лазовиќ и Лекиќ. Лејно одлично го бранеше нашиот гол и веќе по осум минути игра во второто полувреме, стигна до својата деветта одбрана. Два напади по ред, Мец шутира високо над нашиот гол, а ние тоа го користиме преку Пенезиќ која му носи предност на Вардар од 15:16. Каква одбрана на Лејно, која скротува удар од седум метри, но и на спротивната страна, Рајчиќ има веќе 14 одбрани и се уште го држи натпреварот во неизвесност.  Црвено-црните по подолго време успеваат да стигнат до предност од два гола, откако од крило погоди Кузнецова, за водство од 18:20.  Сепак за брзо време, Мец враќа со два гола и израмнува на 20:20, а две минути исклучување добива и Лекиќ. Рајчиќ ја бележи својата 16 одбрана, а нејзината екипа поведува со 21:20. Каква некоординираност на Вардар во нападот, кој не реализира ниту четврти напад, а Мец казнува со нов гол и серија од 4:0.  Голманот на Мец дефинитивно е ракометарката на одлука. На крајот противникот слави со резултат 24:22, за прв пораз на Вардар оваа сезона.

Најефикасна во нашиот состав беше Лекиќ со 5 гола, додека Лејно имаше 10 успешни интервенции.