Денес во спортскиот ракометен центар Кале се одигра натпревар од плејофот во женска младинска лига, помеѓу екипите на Вардар и Чаир. Овој дуел беше втор меч за нашите младинки во оваа фаза на разигрување, откако во првото коло на истиов терен бевме подобри од екипата на Ѓорче. Со екипата од Чаир имавме можност да играме два натпревари во текот на регуларниот дел од сезоната, на кои забележавме две победи.
Мечот почна со игра гол за гол и по само 5 минути резултатот на семафорот во “Кале“ беше 3-2. Потоа следуваше вистинско шоу на избраничките на Билјана Пецевска. Најпрвин се почна со Мицевска која забележа двојна одбрана, а на 5-2 зголеми Филипоска од пенал. Одличната Мицевска повторно брани, а ние идеме на 6-2 преку Тодоровска Анастасија од контра-напад. Нашите потпомогнати од неверојатната Мицевска која брани се што е упатено кон нејзиниот гол стигаат до 11-2 односно прават серија 8-0. Девојките од Чаир намалуваат на 11-3 дури во 24 минута, односно постигнуваат гол по 19 минути “пост“. Сепак ние продолжуваме фуриозно и стигаме до 14-4 односно до првата двоцифрена предност преку Моника Георгиевска во 28 минута. До крајот зголемуваме предноста на 17-4 со последниот гол за нас во последната минута преку Николовска од крило. Мицевска во првиот дел забележа двојцифрен број одбрани.