Новата сезона во првенството на младинските категории во женска конкуренција, е предвидено да стартува на 10-ти октомври. Младинките на Жрк Вардар напорно се подготвуваат за предизвиците кои им претстојат во новата натпреварувачка сезона. Тренинзите се одвиваат секој ден, освен недела, во спортскиот центар Јане Сандански и во добро познатата тврдина Кале. Тренер на оваа категорија, која во минатата сезона се натпреваруваше во кадетска конкуренција ќе биде Билјана Пецевска. Благојче Весиќ кој беше дел од оваа екипа минатата година, премина да работи во новиот машки суперлигаш, екипата на Работнички.
Има минимални промени и во играчкиот кадар на оваа генерација, која изминатиов период го искористи за одигрување на пријателски натпревари. Во сестринскиот дуел, против далеку поискусните избранички на Симе Симовски беа поразени. Во вториот подготвителен меч во С.Р.Ц. Кале, беа подобри во дуел против екипата на Чаир. Овие мечеви се добра можност за девојките за воигрување и градење на потребната форма, пред стартот на новата натпреварувачка сезона. Минатата, младинките со максимален учинок на победи ја освоија оваа лига. Очекуваме повторување на истиот успех од црвено-црните девојки и во претстојната сезона.