Во нашиот избор за најдобар натпревар кој го одиграа Вардарки изминатава сезона во ЛШ, е токму реванш дуелот од 1/4 рунда против екипата на Ѓер во Унгарија. Откако на првиот меч, одигран во С.Ц. Јане Сандански забележавме победа од шест гола разлика, очекувавме истата да ја зачуваме и на теренот на Унгарскиот шампион. Не само што останавме непоразени, туку и во последните пет минути испуштивме шанса за една недела два пати да го победиме тогашниот актуелен европски првак.
На овој дуел гледавме две различни полувремиња. Во почетните минути од мечот црвено-црните девојки одржуваа резултатска рамнотежа не дозволувајќи на противникот да се одлепи. Потоа следуваше превземање на играта и доминација на Ѓер, која на момент достигна предност и од четири голови. Сепак ние брзо се вративме во игра, па благодарение на одличната Пенезиќ и Суслина на пауза заминавме само еден гол негатива. Во второто полувреме гледавме различна слика на теренот. Нашиот шампион наметна силно темпо на игра, на кое Унгарките не беа во можност да одговорат и да се спротистават. Како течеше мечот така, Вардарки играа се подобро, газејќи го противникот на својот терен. Ниту бучната публика и притисокот од салата не им пречеше на нашите девојки да играат добро.
Во еден момет на голот застана Лејно, која само ја продолжи одличната серија на одбрани од Суслина. Пенезиќ беше наш вистински лидер, потпомогната од Радичевиќ, Лекиќ и Лазовиќ. Во завршните пет минути испуштивме позитива од три гола, која Ѓер ја стигна. Нерешениот резултат беше само мала утеха за домаќинот, кој во тие моменти го изгуби приматот „европски шампион“. Девојките покажаа големо срце и карактер, и според нас тоа беше нивниот најдобар натпревар во ЛШ, со оној во Скопје против истиов противник.