Четврта среќа за Вардарки да стигнат до толку посакуваната Европска титула. Следниве два дена во Будимпешта се игра завршниот турнир на четирите најдобри екипи ЛШ, а тие се истите од минатата сезона. Дури и полуфиналните двојки се идентични, како минатата година, кога токму нашиот утрешен противник, ЦСМ Букурешт се закити со златниот медал. Во пресрет на Ф4 во Будимпешта и полуфиналниот меч со Романките говори нашиот организатор на играта и еден од нашите најголеми адути, Андреа Лекиќ.
-Навистина е привилегија да си тука четири години по ред, но јас би сакала да не застанеме повторно во полуфиналето. Мислам дека повеќе треба да работиме, а помалку да зборуваме за да ги оствариме нашите цели. Минатата година се израдувавме на ждрепката, а оваа година јас и моите колешки одлучивме да го дадеме максимумот без разлика против кого ќе играме. Минатогодишниот Ф4 турнир покажа дека сѐ е можно во 24 часа и дека сите тимови имаат шанса за титулата.
Црвено-црните ќе бараат одмазда за поразот од минатата сезона, кога токму Букурешт ни ја скрати можноста да играме во финалето.
-Што се однесува на ЦСМ Букурешт, оваа година имаат неколку промени и бековски ротации. Интересен за нив е бавниот старт на сезоната, кога за малку ќе испаднеа од групната фаза. Меѓутоа, нивната четвртфинална форма против Ференцварош покажува дека сепак доаѓаат тука во одлично расположение. Најдобро ќе одговориме утре на самиот ден на натпреварот и мислам дека треба мирно да влеземе во истиот за да стигнеме до посакуваното финале.