Кадетките на ракометниот клуб Вардар забележаа нова победа во рамките на групата 2 од кадетската лига. Во големата сала на С.Ц. Јане Сандански, избраничките на Платон и Папуџиева убедливо ја совладаа екипата на Лихнид со резултат 35:23.
На овој натпревар кој помина во доминација на вардаровите девојки видовме само едно израмнување и тоа на почетокот откако Вардар прв го отвори резултатот преку Магдалена Тошевска , врати гостинскиот тим во својот прв напад за израмнување на 1:1. Од тој момент па се до крајот на натпреварот, избраничките на Платон не дозволија ниту во еден момент да ја испуштат предноста, а во 5.минута за прв пат имаа водство од два гола разлика (3:1) откако од пенал погоди Мила Пешиќ.
Од минута во минута растеше нашата предноста, која на полувреме достигна и до двоцифрена разлика. Со погодоците на Колевска и Коцева,Вардар во 11 минута имаше предност од четири гола (6:2). Одлична на голот беше и Вероника Ѓорѓиевска, која во првиот дел имаше 6 успешни интервенции. Одржувавме силно темпо, а таквата игра ни носеше зголемување на водството. Во серија погодувавме преку Коловска и сестрите Бојана и Борјана Коцева, за во 21 минута од мечот да имаме висока предност од 13:5. За прв пат на мечот имавме и двоцифрена разлика, кога со нов гол на Бојана Коцева поведовме со 16:6. На голот застана и Леа Христоска која ја замени Ѓорѓиевска и веднаш стина до својата прва одбрана.Во последните три минути од првиот дел успеавме да ја зголемиме предноста и на одмор од десеттина минути да заминеме со резултат 18:7 за Вардар.
На голот на Вардар остана Христоска која веќе стигна до три успешни интервенции, додека нејзините соиграчки продолжија да ја зголемуваат позитивата, па со погодоците на Ангеловска и Колевска веќе имавме високи 23:8 на семафорот во С.Ц. Јане Сандански. Во брз контра-напад нов гол за Ива Ангеловска, со кој стигнавме до највисоки 16 голови разлика (27:11). За прв пат на натпреварот во серија влезе и Лихнид од 0:3 за да намали на 27:14, а со гол за Вардар ја прекина Бојана Коцева. Тренерот Платон им даде шанса за игра на сите ракометарки кои денес беа на располагање. На голот застана и Ана Мирческа која забележа одбрана. Рутински последни десет минути за Вардар, кои на крајот забележуваат победа со резултат 35:23.
Ова беше вкупно петта победа за Вардар, кои имаат уште и по еден нерешен резултат и пораз. Следниот викенд, кадетките на Вардар ќе го одиграат и последното коло во есенскиот дел на сезоната, каде гостуваме на екипата на Илинден Вардар.
Најефикасни на денешниот дуел беше Бојана Коцева која постигна 8 голови, додека Александра Коловска додаде 6. На голот, Ѓорѓиевска имаше 6 одбрани, Христоска 7, додека Мирческа 2.
Вардар: Ѓорѓиевска, Андовска, Крагељ 2, Равољска 1, Мирческа, Коловска 6, Трајковска, Христоска, Борјана Коцева 2, Тошевска 1, Ангеловска 4, Максимовска 2, Миланова 2, Пешиќ 5, Радевска 2, Бојана Коцева 8.