Со натпреварот против Хипо во Јане Сандански се комплетираше првата групна фаза од лигата на шампиони во женска конкуренција. Вардарки го освоија второто место и со вкупно четири освоени бодови ќе стартуваат во следната група, во која покрај Ѓер и Митјиланд се наоѓаат и екипите на Будуќност, Букурешт и Савехоф.
Најдобри наши стрелци по завршување на првата групна фаза се Андреа Пенезиќ и Андреа Лекиќ. Интересно двете го делат 15 место на листата на стрелци, со идентични 29 постигнати голови. Минатата сезона Пенезиќ постигна неверојатни 102 гола и заедно со Неагу ја подигнаа наградата за најдобар стрелец. Нема друга наша ракометарка во ТОП-50 листата на најефикасни ракометарки. Врвот го држи поранешната “Вардарка“ Алисон Пино која оваа сезона настапува за Баја Маре и има постигнато 45 голови. Булатовиќ и Неагу од Будуќност се наоѓаат на второто и третото место на оваа листа.