Saturday ,23 November 2024
Последни:
Home > ЖРК Вардар > Втор тим > Драгана Петковска: Натпреварот со Металург беше еден од нашите подобри одиграни мечеви оваа сезона

Драгана Петковска: Натпреварот со Металург беше еден од нашите подобри одиграни мечеви оваа сезона

ЖРК Вардар СЦЈС втор пат сезонава го победија својот ривал, екипата на Металург во најсилната супер-лига. Во првиот дел од сезоната, двете победи им припаднаа на девојките од Автокоманда, но Вардарки го возвратија ударот и во вториот дел од регуларниот дел се израмнија по бројот на добиени натпревари. Избраничките на Симе Симовски во малата сала на С.Ц. Јане Сандански трумфираа со резултат 35:32, но поради подобрата гол разлика, екипата на Металург ќе заврши како второпласирана во регуларниот дел од сезоната. Впечатоците од победата и од прикажаната игра на нашиот млад состав за нашиот сајт, даде голманот на Вардар и репрезентативка на Македонија, Драгана Петковска.

-Ова сигурно беше еден од нашите подобри натпревари во оваа натпреварувачка сезона. Беше дерби меч, каде двете екипи се боревме и ја посакувавме победата. Добро го отворивме натпреварот на кој влеговме доста сериозно, каде имавме своја цел и изненадена сум како одиграа моите соиграчки. Имавме големо водство од стартот на натпреварот, па се до последните десет минути од дуелот, во кои искрено и јас незнам што се случи. Требаше да победиме со поголема гол разлика, но среќата можеби не не посака, иако триумфиравме над противникот. Ништо не е страшно, сепак ова е спорт, а победа си е победа, без оглед со колкава разлика е изразена.

Изминативе мечеви се забораваат, бидејќи овие екипи ќе одиграат уште два натпревари во плеј-оф фазата, каде подобриот од меѓусебите дуели ќе заврши на втората позиција.

-Од секој натпревар учиме, а со екипата на Металург ни преостануваат уште два дуели во плеј-офот, во кои не смееме да си дозволиме ваков пад во играта и дека на крајот од сезоната ќе бидеме на позиција на табелата, која што и ја заслужуваме.

Ждрепката сакаше во 1/4 од националниот куп да се сретнат двете екипи на Вардар. Сепак Драгана смета дека е едно големо искуство за нив и дека ќе се надигруваат со врвни ракометарки, какви што ги има првиот тим на Вардар.

-Во четвртфиналето од купот ќе играме со нашите “Вардарки“. Многумина кажаа дека сме немале среќа при извлекувањето, но јас сметам дека тоа ќе биде добро за нас. Ќе одиграме натпревар со квалитетни и врвни играчи, а ние како помлади ќе видиме до каде сме. Желбата за докажување ќе биде голема, така да мислам дека ќе биде интересно.

Звонко Ивановски