Младинската ракометна репрезентација до 19 години напорно се подготвува за предизвикот што им престои, а тоа е Европското првенство во Шпанија. Избраничките на селекторот Симе Симовски веќе речиси две недели активно тренираат, со цел поспремни да го дочекаат ова натпреварување.
-Моментално подготовките за престојното Европско првенство течат одлично. Помеѓу нас се сплоти извонредна хемија, така што со нетрпение го чекаме моментот кога ќе тргнеме за Шпанија. Започнавме со физичка подготовка, што е и нормално, имаме по два тренинга на ден и тренираме во полна пареа. После физичката подготовка доаѓа тактичкиот дел и воигрувањето.
Планирани се подготвителни натпревари со селекцијата на Бугарија, за проверка на формата на нашата млада репрезентација.
-Засега се уште не сме имале контролни натпревари за да видиме до каде сме. Но и тоа ќе биде наскоро со репрезентацијата на Бугарија, со кој ќе одиграме два дуела на нивни терен, а потоа и тука кај нас. Очекувам да се претставиме во најдобро светло на ова Европско првенство и уште еднаш да ја израдуваме Македонската јавност, изјави репрезентативката и член на Жрк Вардар Ангела Петровска за нашиот сајт.
Европското првенство во Шпанија(Валенсија) ќе се игра во периодот од 23 јули-2 август.
Звонко Ивановски