Пионерките на ЖРК Вардар предводени од Платон и Папуџиева, денес гостуваа на екипата на ЖРК Куманово, тие стигнаа и до петтата последователна победа во рамките на групата-1 од пионерската лига. Црвено-црните дами на паузата ќе заминат како “есенски првак“ во својата група.
Ние во мечот влеговме добро, веќе на почетокот остваривме предност со почетните 0-3. Домаќинот успеа да погоди за намалување на 1-3, по што следеше одлична игра во одбраната на нашите девојки и лесни голови во офанзива. Со нова серија 0-7 поведовме со високи 1-10, односно девет плус, по што беше јасно дека еднствено отворено прашање денес е со колкава разлика ќе дојде до победа тимот предводен од Платон и Папуџиева. Од тој момент до крајот игравме мирно и со игра гол за гол успеавме да го однесеме дуелот на одмор со деветте позитива од претходно. Резултатот 20.минути ракомет гласеше 5-14 во наша корист.
Вториот дел го започнавме со два гола во серија поведувајќи со двоцифрена предност, по 2.минути игра водевме со 5-16. Од тој момент се до крајот умешно ја контролиравме средбата, одржувајќи ја двоцифрената предност постојано. Победата беше изразена со 12 гола на крајот. На семафорот во салата при Основното училиште Х.Т-Карпош на крајот од овој пионерски дуел стоеше 13-25 за нас. По одиграните пет кола оваа есен нашите девојки имаат исто толку победи и со 100% ефект дојдоа до “есенската титула“.
Прв стрелец на овој дуел со ЖРК Куманово кај нас беше Тошевска Магдалена со 5 гола, Коловска Александра постигна гол помалку односно 4, апак три девојки имаа по три погодоци и тоа: Пешиќ Мила, Андовска Зорица и Максимовса Наталија.