Friday ,03 May 2024
Последни:
Home > ЖРК Вардар > Јан Питлик поради семејни причини го напушта Вардар на крајот од сезоната
Јан Питлик поради семејни причини го напушта Вардар на крајот од сезоната

Јан Питлик поради семејни причини го напушта Вардар на крајот од сезоната

Данскиот стручњак на клупата на Жрк Вардар Јан Питлик на крајот од сезоната го напушта нашиот женски ракометен шампион. Причина се семејните обврски, поради кои ќе биде приниден да се врати дома и да работи во својата татковина. Инаку неговиот договор со Вардар, го обврзуваше Питлик да остане до јули 2017 година. За официјалната страна на клубот, Питлик ги наведува причините за неговото заминување на крајот од оваа сезона.

-Пред една недела им кажав на луѓето во клубот дека мора да си одам по оваа сезона. Беше тоа многу тажен ден за мене зашто сум многу среќен овде, ова е голем клуб, еден од најголемите во Европа. Многу сум среќен овде, но морам да си одам заради моето семејство. Кога дојдов лани во февруари имавме договор да работам и да бидам сам, до лето, а потоа да го доведам и моето семејство. Секогаш е полесно кога го имате семејството покрај себе. Меѓутоа моето семејство сега има некои проблеми и не може да дојде и затоа морав да го направам овој избор и да се вратам во Данска. Да беше само до крајот на сезонава немаше да биде проблем, меѓутоа мојот договор е уште една сезона и тоа е премногу. Морам да бидам близу до моето семејство.
За време на Божиќ разговаравме со мојата сопруга, баравме решение, но невозможно е. Тогаш луѓето од клубот ги замолив да ми дозволат да си заминам пред да ми заврши договорот, бидејќи имам уште една сезона. Тие ми рекоа дека ме разбираат и дека ќе ми дозволат да заминам, вели Јан Питлик.

Данскиот стручњак се надева дека оваа сезона ќе биде среќна за неговата екипа и дека ќе се обидат да ја освојат лигата на шампионите.

-Мојата цел, уште кога дојдов овде, беше да ја освојам Лигата на шампионите и остана така. Јас и Индира ќе работиме напорно да го оствариме тоа. Мислам дека имаме добар микс. Јас донесов скандинавска култура, но истовремено сум отворен за балканската култура, бидејќи мислам дека има толку многу добри нешта во вашата култура. Така што јас и Индира се обидуваме да направиме микс и тоа функционира. Знаете, јас дојдов овде како консултант, а Индира е шефот и јас го почитувам тоа. Во првите два месеца баравме начини, се адаптиравме и сега одлично функционираме. Всушност, тоа ме прави уште потажен бидејќи сега функционираме многу добро, а јас морам да си одам. Тоа е штета и за мене и за Индира и за клубот.

Господинот Давор Стојановски истакна дека клубот му ја дава целосната поддршка за секоја негова донесена одлука, но истовремено и среќни што имаа можност да имаат човек како него во стручниот штаб.

-Вардар отсекогаш ги подржувал семејните вредности и знаеме што значи да се имаат најблиските крај себе особено во моменти кога сте им потребни. Како клуб му даваме целосна поддршка на нашиот член на тренерскиот тим, со надеж дека соединувањето со семејството ќе му донесе нов мотив за работа и предизвик за постигнување нови успеси. Радосни сме што во екипата го имаме човекот од кого имаме што да научиме, а и тој сакаше да ни пренесе многу од сопственото искуство. Задоволство е секогаш да се соработува со луѓе професионалци во својата област. Верувам дека и сезонава ќе имаме нови можности за заедничка радост, изјави Давор Стојаноски, извршниот директор на РК Вардар.