ЖРК Вардар се врати на победничките патеки, денес имавме лесна задача во мечот со Ѓорче Петров на домашен терен. Избраничките на Ристова, Црвенковска и Царчев дојдоа до висока победа со резултат 33-10 (19-6).
На почетокот поведовме со 2-0, со двата гола на Теодора Стаменкова и една одбрана на Јована Трајкоска. Ривалот врати со два врзани гола за 2-2, ние по исти рецепт отидовме на два плус. Милица Николиќ два пати погоди, во одбрана една топка одземавме и една топка одбрани Трајкоска. По ова ние бевме тимот кој доминираше на теренот, во 13.минута поведовме со седум плус, за 10-3, погодија по брза контра капитенот Бојана Диневска и Седлоска Андреа. Владимир Радиќ го искористи веднаш вториот тајм-аут со цел да ја прекине нашата серија, која по ремито 2-2 дотогаш изнесуваше 8-1. Нивната „голгота“ продолжи и понатака, со серија 3-0 отидовме првпат на двоцифрена предност, за 13-3 во 15.минута по контра погоди Диневска, до тој момент од првото и последно реми за нив (2-2) имавме неверојатна серија 11-1. Ривалот успеа да има подобри 3.минути од нас, со мини серија 1-3 намали на 14-6 и имаше напад. Трајкоска одбрани со нога, по брза контра погоди Седлоска за прекинување на нивната серија. До крајот повторно „црвено-црна симфонија“ со нова серија, овој пат 5-0 отидовме на одмор со предност 19-6, резултат кој го постави Трпевска.
Ристова вториот дел го започна со речиси нова постава во однос на онаа која го започна овој меч. Вториот дел започна со две одбрани на Илиќ, тоа по брза контра за предност со 20-6 го „награди“ Сара Миновска. По пет минути игра во вториот дел отидовме на високи 15 позитива, лукаво украде една топка Ана Марија Божиновска, погодувајќи за 22-7 по што Радиќ ја искористи и последната шанса за „минута одмор“. Отидовме на 20 позитива во 44.минута, иако имавме два играчи помалку во поле. Илиќ одбрани пенал, во напад во кој игравме со пет девојки и празен гол изнудивме пенал над Гоцевска.
Сигурен реализатор на истиот беше Милица Николиќ за 27-7. Интересно, во наредните шест минути ние не погодивме ниеднаш, а конечно Ѓорче после толку време успеа да врзе два гола во низа намалувајќи на 27-9. Се до крајот беше чиста рутина, нашата предност беше преголема, ние дојдовме до лесна и сигурна победа со резултат 33-10, кој го постави Миновска на 6.секудни до крајот. Во последните 10-сетина минути треба да се потенцира, Трпевска Ивона „блесна“ и погоди четири пати.
Голманките имаа по 8 одбрани, Андреа Илиќ и Трајкоска Јована бранеа по едно полувреме и дојдоа до идентична бројка. По 6гола имаа капитенот Диневска и Трпевска Ивона, по пет пати погодија: Николиќ Милица и Седлоска Андреа, додека Миновска Сара и Божиновска Ана Марија стрелаа по четири пати на овој дуел.