Викендов се одигра ново коло во рамките на ракометната Јуниор лига за момчиња и девојчиња. Сите мечеви се играа во големата и малата сала на спортскиот ракометен центар Јане Сандански.
Интересен беше натпреварот во женска конкуренција, генерација родени 2000/01 година, каде екипата на РК Кузман со пресврт во второто полувреме успеаа да дојде до победа во дуелот со РК Филип-Вардар. РК Филип го отвори резултатот на овој дуел каде имаше малку постигнато голови. Сигурната игра во овој период им донесе предност од 2:4. Избраничките на Александра Кузмановска намалија на 3:4, но РК Филип го затвори првиот дел со два гола, за да има предност од 3:6 по првото полувреме.
Добрата одбрана на РК Кузман беше пресудна за комплетниот резултатски пресврт во вториот дел. Со три последователни погодоци во противничката мрежа успеаа да израмнат на 6:6. РК Филип ја прекинува нивната серија и повторно го презема водството 6:7. Набргу следиме и прва предност за РК Кузман од 8:7, кој во наредните четири минути поведува и со 11:8. Екипата на РК Филип немаше сили за нов подвиг и мораше да се помири со пораз, изразен со конечен резултат од 12:10.