Во големото женско финале на турнирот “Вардар, еден живот, една љубов“ се сретнаа екипите на РК Делчево и РК Филип. Победата им припадна на Делчево, додека третото место го освои РК Карпош од Куманово.
Натпреварот со гол го отвори Делчево за почетна предност од 0:1. Во четвртата минута следиме израмнување на резултатот на 2:2, по што следи серија на Делчево од пет последователни голови, со кои зголемува на 2:7. Екипата од Прилеп немаше решение за најдобриот играч на Делчево на овој турнир. Бекот Кети Ангеловска и денес беше расположена за игра, па со нејзини два погодоци, избраничките на Велков поведуваат со највисоки шест голови предност (3:9). До крајот на првото полувреме, Филип Вардар намали на 5:10 и не дозволи предвреме да биде решено финалето.
Второто полувреме започна со гол на РК Филип за намалување на негативата, но Делчево успева да ги врати петте голови предност (7:12). Секако екипата од Прилеп не се предаваше и се обидуваше да биде рамноправен противник и со два гола во серија намалува на 9:12. На десет минути пред крајот на натпреварот, Филип Вардар се наоѓа во солидно водство од 10:14 и сеуште ја контролира играта на теренот. Се повеќе се насетуваше победникот во оваа генерација, кога Делчево на седум минути пред крај ги врати највисоките шест голови предност. Тренерот на Филип, Таневски повика тајм-аут како последен обид да го врати тимот во игра. Ништо од тоа не се случи, бидејќи на три минути пред крај, Делчево имаше високи и недостижни 10:20. Конечниот резултат гласеше 12:21. На овој начин екипата на Делчево стана шампион на зимскиот турнир кај генерација родени 2000/01 година. Кети Ангеловска повторно брилијантна со 11 голови, додека кај поразените Сања Цветковска постигна 4 голови.
Во малото финале за третото место се сретнаа екипите на РК Вардар-Виница и РК Карпош од Куманово. Победата и бронзениот медал им припаднаа на екипата од Куманово. На почетокот се играше гол за гол, се до моментот кога Карпош се одлепи на водство од 2:4. За момент намали, екипата од Виница на 4:5, но до крајот на првиот дел, избраничките на Наташа Ѓорѓевиќ со серија од 0:4 на полувреме заминаа со резултат 4:9. Сепак за да гледаме неизвесен натпревар се погрижи Вардар-Виница, која на стартот од првиот дел ја враќа серијата и намалува на само гол разлика 8:9. Беше неизвесно до последните три минути кога беше 11:12, сепак финишот му припадна на РК Карпош кој постигна два гола и победи со резултат 11:14. Ангела Јакимовска со 8 гола беше најефикасна кај РК Карпош.