Денес во малата сала на С.Ц. Јане Сандански се одигра второто коло од групите А и Б, во женскиот дел кај генерацијата 2000/01 на зимскиот турнир, во организација на ракометниот клуб Вардар.
РК Војнисон и РК Будимир одиграа интересен натпревар на кој ги поделија бодовите. Натпреварот заврши со нерешен резултат 10:10. Сепак РК Будимир има за што да жали на овој натпревар бидејќи пропуштија сигурна победа. Имаа водство од 1:7, додека на полувреме се замина со резултат 3:9. Првиот гол во второто полувреме беше за екипата на Будимир за водство од 3:10. Кога се мислеше дека ќе дојдат до сигурна победа, следи неверојатен пад во ниваната игра и интересно до крајот на мечот веќе не успеаа да постигнат гол. Напротив нив РК Војнисон успева да постигне седум гола и да стигне до израмнување од 10:10, што беше и конечен резултат на крајот. Кај екипата на Будимир, Олгица Јованова постигна 6 гола, додека кај Војнисон, Кристина Милошеска беше стрелец на 4 погодоци.
До нова победа стигна и РК Филип Вардар, која беше подобра во дуелот со екипата на РК Карпош. Во првите седум минути, РК Карпош одржуваше резултатска рамнотежа, кога резултатот беше 3:2. Потоа следи серија на Прилепскиот тим од 6:0 за водство од 8:2. На полувреме се замина со резултат 8:4. На стартот на вториот, РК Филип постигна два гола и зголемува на 10:4. За момент Карпош од Куманово намали на 11:7, но Филип постигнува четири последователни голови за убедлива предност од 15:7. Конечниот резултат на крајот гласеше 17:8. Кај победникот, Емилија Јовеска постигна 7 голови.
РК Филип Вардар е веќе полуфиналист со 6 освоени бодови. РК Карпош има 3 бодови, додека по 1 бод имаат екипите на Војнисон и Будимир.
Прва победа на турнирот и за екипата на РК Делчево, која беше подобра во дуелот со РК Шампион. Избраничките на Горан Велков отворија со водство од 0:3 и 1:6. Шампион го намали водството на 4:8, а до крајот на првото полувреме, Делчево стигна до солидна предност од 5:11. Делчево ја научи лекцијата од првиот меч и на овој натпревар не дозволи никакви изненадувања. Имаше Делчево и двоцирена предност од 8:18, по што ја најавија победата. До крајот само уште повеќе го зголемуваа водството, за на крајот конечниот резултат да гласи 10:26. Кети Ангеловска беше предводничка на Делчево со 10 погодоци.
Екипата на Вардар-Виница си ги зголеми шансите за полуфиналето, откако во второто коло ја победи екипата на Кузман. Во текот на целиот натпревар екипата од Виница имаше водство и сосема заслужено на крајот стигна до победата. Имаа водство од 4:2 и 6:3, по што следи нивна нова серија од три погодоци, за на одмор да заминат со предност од 9:3. Во второто полувреме, Кузман ги постигна првите два гола и го намали резултатот на 9:5. Сепак до крајот на мечот се играше гол за гол на двете страни, игра која им одговараше на Виница, за конечен резултат од 13:8. Јована Митровска и Надица Јованова постигнаа по 4 гола кај РК Вардар-Виница.
Тука не очекува интересно трето коло, по што ќе бидат познати полуфиналистите. РК Вардар-Виница има 6 бода, додека по 3 имаат Делчево и Кузман.