За девојките од женската ракометна секција на Вардар престои најважниот меч во ова натпреварувачка сезона четвртфиналето со европскиот шампион Ѓер . По тој повод за овој меч од Лигата на европски ракометни шампионки кој е закажан за 4ти Април , денес се одржа прес-конференција на која присуствуваа тренерот на екипата Индира, двете ракометарки Лекиќ и Радичевиќ и директорката Нацева . На пресот тие дадоа свое видување кое е пренесено на нашиот клупскиот сајт:
Црногорската интернационалка Радичевиќ вели : Дојдовме до два меча кои ќе ја решат цела сезона. Имаме големи мотиви и сакам да покажеме колку може и колку вреди Вардар. Оваа сезона можеби не играме најдобро, но можеби тоа е и позитивно и ќе значи дека допрва ќе блеснеме, можеби токму против Ѓер. Екипата игра под водство на Мартин Амброш, мене и на Андреа ни е познат системот на работа. Имаме голема желба, но може да изгориме во неа, затоа треба да не влеземе со жешки глави и полека да ја градиме својата игра и да стигнеме до победа. Мотивирани сме, играме против европскиот шампион, има ли поголема мотивација од тоа.
Лекиќ која исто како и Јованка е екс член на Ѓер вели : Јас и Јованка бевме дел од оваа машинерија. Тоа е состав кој трета година го води Амброш Мартин и сигурно дека се фаворити, но ние очекуваме позитивен резултат. Сега сите зборуваат за повредените играчи на Ѓер, но ние не се оптоваруваме со тоа. Атмосферата во Скопје е одлична и на ниту една екипа не ѝ е пријатно да гостува овде, верувам дека така ќе биде и со Ѓер. Имав можност да ја почувствувам атмосферата кога играа мажите и се надевам дека и ЖРК Вардар ќе има таква поддршка, затоа што ова е најважниот меч за нас оваа сезона.
Индира Кастратовиќ за најголемиот годинашен предизвик за својата екипа изјави : Фала му на Бога немаме повредени, што е најважно во моментов. Знаеме сите што не очекува, ова се на некој начин две полувремиња едно во Скопје едно во Ѓер. Работевме квалитетно, данскиот Есбјерг ни помогна да го пополниме тој недостаток што го имавме со натпревари, зашто друго е кога само тренирате, друг е адреналинот и мотивацијата на натпревар. Го познаваме Ѓер, знаеме дека се европки шампиони, но сега доаѓаат во Скопје и затоа не треба да размислуваме за ништо друго. Како и секогаш пак ќе повторам дека најважна е одбраната и најважно е какви ќе бидат почетните минути. И повторно ќе ги повикам сите љубители на ракометот да дојдат. Знаеме сите како е кога е полна салата, а како е кога не се исполнети трибините. Ова ни е најважен меч оваа сезона и затоа се надевам дека ќе ги усреќиме сите во Македонија.
Нацева потенцираше дека атмосферата е од огромно значење затоа тимот организираше фан караван и други низа маркетинг активности со цел попеколна атмосфера во салата . Посочи дека девојките се спремни целосно за предизвикот и дека во изолација и мир ќе го чекат овој важен меч.