Wednesday ,08 May 2024
Последни:
Home > ЖРК Вардар > Радичевиќ за Вардар Фанс: Верувам дека Вардар може да продолжи во исто издание како и во првата групна фаза

Радичевиќ за Вардар Фанс: Верувам дека Вардар може да продолжи во исто издание како и во првата групна фаза

Во недела стартуваат новите возбудувања во лигата на шампиони за екипата на ЖРК Вардар. Избраничките на Давид Дејвис пред прв голем предизвик во главната рунда на гостувањето во Подгорица, против екипата на Будуќност. Црвено-црните со победа можат да се зацврстат на првото место на табелата во новоформираната група 1, од која Вардарки како лидери ќе го дочекаат првото коло. Како ќе се одрази паузата од два месеци порад настапите на европското првенство во Шведска, оставиме да видиме на неделниот натпревар. Двете екипи одиграа натпревар од регионалната лига пред десеттина дена, кога шампионот на Црна Гора славеше минимално со резултат 30:29. Најдобриот стрелец на Вардар по одигрување на првата групна фаза, десното крило Јованка Радичевиќ очекува тежок натпревар со надеж дека нејзиниот тим може да стигне до победата.

-Сигурно дека можеме да победиме. Нема да биде воопшто лесно, но ако сакаме да одиме чекор понапред од минатите сезони мораме да ги победуваме најдобрите екипи. Помеѓу нас нема никакви тајни и се знаеме многу добро. Првиот натпревар за нас е секогаш најтежок, бидејќи не сме во натпреварувачки ритам, но верувам дека ако го испочитуваме договореното можеме да стигнеме до добар резултат. Со нетрпение го чекаме неделниот натпревар, напорно тренериме а исто така го анализиравме последниот меч против Будуќност во регионалната лига, иако тоа не беше нашето вистинско издание. Верувам дека Вардар може да продолжи во исто издание како и во првата групна фаза. Подготвени сме за нова борба и предизвиците кои претстојат во продолжение од сезоната во лигата на шампиони, изјави Радичевиќ за нашиот сајт.

Звонко Ивановски