Monday ,21 April 2025
Последни:
Home > ЖРК Вардар > Радичевиќ со 12 голови ја предводеше Црна Гора до победа против Данска, Лејно и Лакрабер поразени од Словенија
Радичевиќ со 12 голови ја предводеше Црна Гора до победа против Данска, Лејно и Лакрабер поразени од Словенија

Радичевиќ со 12 голови ја предводеше Црна Гора до победа против Данска, Лејно и Лакрабер поразени од Словенија

Во текот на вчерашниот ден се одигра првото коло на светското ракометно првенство за жени, кое се игра во Германија. Настапи со своите репрезентации имаа и пет ракометарки на Вардар.

Црна Гора славеше на дерби натпреварот и тоа против селекцијата на Данска. Можеби полесно од очекувањата, Црнагорските ги победија скандинавките со резултат 31:24. Уште на стартот најавија дека одат на победа кога ги постигнаа првите три гола на натпреварот и поведоа со 3:0. Ова водство до крајот на првото полувреме само се зголемуваше, така во десеттата минута имаа и пет гола предност, додека во 15 минута и високи седум голови позитива. До крајот на првиот дел, Данска намали, кога на одмор се замина со резултат од 12:17. По само пет минути игра во второто полувреме, Црна Гора ја врати најголемата предност од седум голови разлика (21:14). Избраничките на Пјер Јохансон одиграа одлично во текот на сите 60 минути, а се беше јасно кога во 47 минута имаа и двоцифрена предност од 29:19. До крајот Данска успеа да ја намали негативата и натпреварот да заврши со резултат 31:24. Перфектна беше Јованка Радичевиќ која постигна дури 12 голови, со кои беше најефикасна на натпреварот.

Србија немаше поголеми проблеми во дуелот со Кина и славеше убедлива победа со резултат 43:23. По седум минути игра, избраничките на Обрадовиќ имаа предност од 5:0, за првиот гол Кина да го постигне во десеттата минута кога намалија на 9:1. Се што успеа да стори Кина на овој натпревар е во два наврати да намали на шест гола негатива (10:4 и 13:7), но по истекот на првите 30 минути, Србија имаше двоцифрена предност од 21:11. Во вториот дел, Србија постигна скоро исто толку погодоци, како и Кина, за на крајот да стигне до убедлива победа. Андреа Лекиќ беше во составот, но не влезе во игра. Селекторот Обрадовиќ ја чува за следните поголеми предизвици кои им претстојат на овој мундијал.

Најголемото изненадување во првото коло го направи селекцијата на Словенија која минимално ја совлада Франција (24:23). И по првото полувреме Словенија имаше водство од 13:10, која успеа да ја зачува до крајот на мечот. Лејно немаше свој ден на голот, додека Лакрабер постигна само еден гол од седум упатени удари.