Во малата сала во СЦ. “Јане Сандански” се одигра 1/2 финалето кај девојките родени 2000/01 година. Во првото полуфинале се судрија екипите на РК Филип Вардар и РК Виница Вардар. Овој натпревар го доби екипата на РК Филип Вардар од Прилеп со резултат 15:9 (6:4).
Натпреварот започна со гол на РК Виница Вардар. Потоа следуваше серија од четири погодоци едно по друго на екипата на РК Филип Вардар за 4:1 во петтата минута од натпреварот. Серијата на погодоци на РК Филип Вардар ја прекина противникот со гол од девет метри за 4:2. Се до крајот на првиот дел се постигнаа уште по два погодоци на двете страни за на полувреме да се замине со резултат 6:4 за РК Филип Вардар.
Вториот дел исто како и првиот, започна со гол на РК Виница Вардар кој се доближи на само гол негатива во 16 минута од мечот. Потоа следуваше клучната разлика на овој натпревар. РК Филип Вардар направи серија од дури шест голови едно по друго за веќе недостижни 12:5. На оваа серија возвратија девојките од Виница со серија од три погодоци за намалување на 12:8. Во продолжението со два нови погодоци, екипата на РК Филип Вардар дојде до 14:8. На крај, натпреварот заврши со победа на РК Филип Вардар со резултат 15:9.
Во победничкиот тим Емилија Јовеска постигна пет погодоци, а Софија Крстеска и Димеска Тамара постигнаа по три. Кај поразениот тим прв стрелец беше Кристина Милчева која постигна четири погодоци.
Во второто полуфинале кај истата генерација силите ги одмерија екипите на Делчево и РК Карпош од Куманово. Подобри на крајот беа девојките од Делчево.
Во текот на целото прво полувреме се играше гол за гол на двете страни и ниту една од екипите немаше поголема предност од два гола разлика. Двата тима се менуваа на водство, но по истекот на првите 15 минути РК Делчево беше во водство од 6:7. Во второто полувреме Делчево имаше повеќе сили и покажа повеќе на теренот. За прв пат на мечот имаа предност од два гола (8:10). Неизвесност имаше до резултат 10:11, по што избраничките на Горан Велков направија серија од 0:3 и поведоа со највисоки 10:14. На крајот победата испадна поубедлива со резултат 11:16. Најдобриот играч на Делчево повторно блескаше. Кети Ангеловска постигна 9 или повеќе од половината погодоци за Делчево. Неа ја придруживаше Марија Гоцевска со 6 голови.
Така во големото финале кое ќе се игра во големата сала на С.Ц. Јане Сандански ќе се сретнат екипите на Делчево и Филип.