Само победа е во мислите на Жрк Вардар за денешниот натпревар со Савенхоф, кој ќе започне од 17:30 чсаот во спортскиот центар Јане Сандански. Нема многу калкулации за црвено-црните кои со сите сили треба да тргнат уште од првата минута и да ја потврдат фаворитската улога. Квалитетот е несомено на наша страна, кој треба да се докаже на теренот во текот на сите 60 минути. Најтешко е кога играш со противник кој сеуште нема освоено бодови во новоформираната групна фаза, така Шведскиот шампион на овој меч ќе влезе растеретен од било каков притисок дека мора да извлече поволен резултат, бидејќи нивните шанси за пласман во четвртфиналето се речиси никакви. Претходно во групата Д имаа забележано само две победи и тоа во дуелите со Лублин од Полска. На два наврати беа поразени од екипите на Будуќност и ЦСМ Букурешт. Во првите две кола на групата 2, доживеаа пораз од Митјиланд и Унгарски Ѓер. Савенхоф е типична Скандинавска екипа, во која преовладуваат ракометарки од својата земја. Само три интернационалки во составот на денешниот противник и тоа по една од Данска, Исланд и Норвешка. Во сезоната 2013/2014 имавме можност да играме со нив, забележувајќи една победа на домашен терен ( 24:18) и нерешен резултат на гостувањето во Шведска ( 27:27). Најголема опасност за нашиот гол се Јулиа Ериксон и Ема Екенман, кои се најефикасни играчи во составот на Савехоф.
На прес-конференцијата во пресрет на овој дуел од Вардаровиот табор потенцираа дека Савехоф игра подеднакво добро во текот на цел натпревар, без поголеми падови и дека мора сериозно да се пристапи на овој дуел од самиот почеток. Ние секако се надеваме на триумф на нашите девојки, кои повторно би ја израдувале Македонската јавност и публиката која денес ќе биде присутна во Јане Сандански. Своето деби на клупата, како помошен тренер на Кастратовиќ, ќе го има Давид Камара, кој ќе ја врши оваа функција до крајот на сезоната и ќе помогне со своето искуство Жрк Вардар да се пласира по трет пат на завршниот турнир.