Македонија со половичен успех ја заврши групната фаза на ЕХФ Шампионатот во Италија, имавме две победи до денес, а денес по поразот од Полска имаме и еднаков број на неуспеси. Полскиот тим беше повешт и дојде до сигурна и убедлива победа со резултат 34-20.
Ривалот отвори со гол на почетокот, ние вративме со иста мерка преку Стефанија Ѓорѓиевска која доби одлична асистенција од Катерина Дамјановска. Ривалот успеа да врзе два гола и се одлепи на 3-1, по една интервенција на Грујовска награди Седлоска со гол за 3-2. Противникот се врати на два предност поведувајќи со 4-2, ние потоа ги имавме нашите минути. Во игра клупата ја уфрли борбената Ана Марија Коларовска која играше како најистурена при дефанзива каде користевме формација 5-1. Таа внесе храброст во играта и во напад против корпулентниот ривал. Испрати до колешките Коларовска две асистенции и доби пенал кој го претвори во гол Седлоска за наше водство од 6-5 во 11.минута. Одтука натаму следеше „црна дупка“ нашите девојки не можеа да се пронајдат, ни во дефанзива ни во офанзива. До крајот постигнавме само два гола, а примивме дури 11. Имавме период од 10сетина минути без гол. Противникот замина на одмор со резултат 16-8. Само две девојки се обидоа нешто, Мими Петковска беше стрелец на двата гола од тешки позиции, а Коларовска со својата луда енергија се обидуваше нешто да смени, имаше и технички грешки, но нејзиното срце е безстрашно и во ниеден момент таа девојка не престана да се бори.
Вториот дел започна катастрофално како што и заврши првиот, противникот влезе во серија 5-0 и се одлепи на 21-9 во 37.минута. Ние не игравме апсолутно ништо, на теренот ниедна линија не фунционираше, дали данокот на заморот го плативме во најлош момент?.. Симовски повика тајм-аут, по него конечно врзавме два гола во серија, Костовиќ стрелаше, а потоа и капитенот Сара Миновска која започна да игра на централната позиција како креативец стрелаше за 21-10. На нашиот гол, Јована Трајкоска потоа фати пенал, тоа го награди во напад Мими Петковска која пак погоди од тежок агол, конечно врзавме три гола. Во тие моменти на доминација лебдеше прашањето, зашто претходно вака течно не можевме да ги поврземе нашите редови. Миновска како да предолго ја чекала својата прилика, „загриза“ ова девојка која по вокација е лево крило, одлично одигра на среден бек, постигнувајќи уште два прекрасни гола со многу креативност. На средината на вториот дел беше 25-13, нашата ефикасност по 45.минути беше очајна. Останатите минути небеа ништо посебно за одбележување, дуелот заврши 34-20, резултат кој на 9.секунди до крајот го постави Ана Марија Коларовска која стрелаше од дистанца низ рацете на одбраната.
Капитенот Сара Миновска која имаше четири гола доби признание за МВП во нашиот тим на овој меч, сосема заслужено во однос на прикажаната игра.