Saturday ,12 October 2024
Последни:
Home > ЖРК Вардар > Саздовска за Вардар Фанс: Се надевам дека оваа година среќата нема да ни го сврти грбот, затоа што претходната секунди не делеа до Европската круна
Саздовска за Вардар Фанс: Се надевам дека оваа година среќата нема да ни го сврти грбот, затоа што претходната секунди не делеа до Европската круна

Саздовска за Вардар Фанс: Се надевам дека оваа година среќата нема да ни го сврти грбот, затоа што претходната секунди не делеа до Европската круна

Јована Саздовска е една од ракометарките кои оваа сезона го засилија Европскиот вицешампион, која треба да му помогне на Вардар да стигне до толку посакуваната Европска титула. Репрезентативката на Македонија летово пристигна од екипата на Магура Чиснадие од првенството на Романија, а во својата кариера има настапувано и за екипата на Металург. Саздовска заедно со Полина Кузнецова ќе ја сочинуваат новата двојка на позицијата лево крило, откако од клубот си замаа Херем и Мавсар. Нашата редакција имаше можност да зборува со Јована, која ни ги сподели своите впечатоци од доаѓањето во Вардар, одработените подготовки на Златибор, од одиграниот турнир “Трофеј Вардар„на кој црвено-црните освоија второ место, како и за очекувањата од новата сезона во лигата на шампионите.

vardarfans-1

-После еден месец поминат во редовите на Вардар, прво нешто што ќе истакнам е дека сум во група која има првенствено големи личности, а потоа и одлични играчи кои многу бргу ми дадоа до знаење дека сум добредојдена и многу ми помогнаа да се вклопам во екипата за краток временски период.

Вардар главниот дел од подготовките и оваа година го одработи на Златибор, каде се работеше паралелно на физичката подготовка, како и во сала каде се испробуваа различни варијанти во играта.

-Подготовките во Златибор поминаа баш онака како и што треба, многу напорно, со по два тренинга на ден, од кој еден беше работа со топка и за подобрување на виталниот капацитет на белите дробови и кардиоваскуларниот систем и вториот каде се работеше на мускулниот тонус. Да бидам искрена имам многу голема почит спрема нашиот кондиционен тренер, Лојаница и таа беше една од причините која ме радуваше што ќе имам можност да работам со неа. Секако професионализмот е на највисоко ниво и откако се вративме во Скопје продолживме со тренинзи во нагорна линија и работиме за да дојдеме до она натпреварувачко ниво кое ни е потребно.

vardarfans-tekst-2

Прв предизвик за избраничките на Ирина Дибирова беше силниот меѓународен турнир “Трофеј Вардар“, на кој учествуваа најголемите претеденти за освојување на ЛШ за оваа натпреварувачка сезона. На крајот нашите девојки завршија како втори, откако во големото финале беа поразени од Ростов.

-За да провериме до каде сме и за да влеземе во натпреварувачки ритам одигравме неколку пријателски натпревари на турнирот кој го организираше Вардар. Одигравме против високо реномирани екипи каде стигнавме до финалето. Победивме на двата натпревари во групната фаза против Кубан Краснодар и Будуќност, а потоа во финалето бевме поразени од екипата на Ростов Дон. Се разбира дека на почетокот на сезоната сосема е нормално да се има мали падови во играта, таков еден беше круцијален во првите десет минути од последниот меч против Ростов, каде противникот направи предност и ја одржа до крајот на натпреварот. Секако позитивна работа е тоа што од поразите најубаво може да се извлече поука за во иднина и овие пријателски турнири се многу битни, за да се испробаат нови замисли, да се даде шанса на сите играчи и да се изгради визија како ќе играме понатаму. 

vardarfans-2

Јована вели дека Вардар и оваа сезона треба да оди чекор по чекор, натпревар по натпревар и резултатот на крајот ќе си дојде.

-Што се однесува до натпреварите од лигата на шампионите секогаш избегнувам да зборувам околу тоа. Јас сум личност која размислува прво за следниот тренинг, па потоа за следниот меч и тоа мислам дека е рецепт за успех. Вардар токму и така работи, без прерипнување на етапи, има долгорочен проект и затоа имаат резултати во изминативе години, затоа што не може да се дојде до тоа ниво преку ноќ. Клубот изгради бренд во ракометот и сега е веќе императив да се стигне до самиот крај на натпреварувањето. Во група сме со ФТЦ Будимпешта и Ларвик и сме поставени како носители во ждрепката, но тоа немора ништо да значи ако ние не ги “засукаме“ ракавите и не ја завшиме работата.

Сезоната во ЛШ ја започнуваме на 6-ти октомври против ФТЦ. Вардар повторно е еден од фаворитете за пласман на завршниот турнир, но и за освојување на Европската титула.

-Првиот натпревар е на 6-ти октомври против ФТЦ и ајде да почнеме од таму па потоа да зборуваме за следните натпревари. Не гледам причина зошто и оваа сезона да не бидеме дел од завршниот турнир во лигата на шампионите. Се надевам дека оваа година среќата нема да ни го сврти грбот, затоа што претходната секунди не делеа до Европската круна.

Звонко Ивановски