Вчера во С.Р.Ц. Кале се одигра првото коло во женската младинска ракометна лига, во кое се сретнаа екипите на Вардар и Вардар Јуниор. Вардар е предводен од тренерскиот тандем, Платон- Кузмановска, додека Вардар Јуниор го предводи Драгана Пецевска. Подобри на вчерашниот натпревар беа Вардар Јуниор, кои славеа со резултат 21:29.
Вардар Јуниор имаше добар старт на натпреварот кога успеа да поведе со 0:4, по што и Вардар го постигна првиот гол за намалување на резултатот на 1:4, но веднаш Јуниор врати со серија од три погодоци и веќе по осум минути игра имаше висока предност од 1:7. Сепак како течеше првото полувреме, избраничките на Платон заиграа подобро и вратија со серија од 3:0 за да намалат на 4:7, а во следните пет минути и да стигнат до само еден гол негатива (8:9). Следи нова серија од 0:4 за Вардар Јуниор кој повторно се одлепи на солидна предност од 8:13, за на полувреме Вардар да смали и да се замине со резултат 11:14.
Второто полувреме подобро го стартуваше Вардар, кој повторно се доближи на само еден гол негатива (15:16). Сепак секогаш кога Вардар ќе стигнеше, Јуниор правеше серија на погодоци, така беше и во овој случај кога постигнаа пет голови во серија и ја вратија највисоката предност од 15:21. Избраничките на Пецевска до финишот го задржаа водството кога имаа резултат 20:25 за со серија од 0:3 да стигнат до најубедливи 20:28. На крајот конечниот резултат гласеше 21:29.
Кај победникот се истакна Стефанија Ѓорѓиевска со 8 голови, додека кај поразениот исто толку голови постигна Марија Гоцевска.
Вардар: Бабунска, Ивановска, Софковска, Таневска, Нелоска 1, Сандева, Коловска 3, Величковска 2, Паланковска 2, Стојчева, Трајковска, Блажевска, Цветковска 1, Костадиновска, Гоцевска 8, Ангеловска 4.
Вардар јуниор: Трајкоска, Арсовска, Дамјановска 3, Изабел Гонзалес 1, Ѓорѓиевска 8, Донева, Петковска 4, Грујовска, Софтовска 2, Насковска, Шатевска, Костовиќ 4, Миновска, Седлоска 4, Коларовска, Галевска 3.