Денес со почеток од 15 часот, нашиот женски ракометен шампион го игра последното коло во првата групна фаза. Во Германија, Вардарки гостуваат на екипата на Лајпциг. Токму против овој противник започна победничката серија која трае веќе четири натпревари. После нерешениот резултат против ФТЦ во првото коло дојде до смена на тренерското место во екипата на ЖРК Вардар. Мечот со Лајпциг од клупата го водеа тандемот Кокшаров-Самсоненко и Станковски, иако на прес-конференцијата после завршување на мечот, сопственикот на клубот напомена дека најголема заслуга за високатата победа против Лајпциг има Давид Дејвис, кој потоа беше назначен и како шеф на стручниот штаб.
Дуелот против денешниот противник во Јане Сандански беше вистинска преродба за Вардарки, кои го покажаа сиот свој квалитет на тој дуел, високо поразувајќи го Лајпциг дури со седумнаесет голови разлика. Резултатот на тој меч гласеше 41:24. Тоа беше прва победа во новата сезона, а после тој натпревар следуваа два меча со Астраханочка од Русија, кои очекувано ги добивме во своја корист. Вистински тест за добрата форма на Вардар беше екипата која досега единствено ни одзема бодови. ФТЦ Будимпешта беше целосно надиграна на свој терен, а црвено-црните покажаа дека се во победнички налет и добра форма која ветува дека и денес треба да забележиме победа на гостувањето во Германија. Нема тука тактизирања, Вардар е голем фаворит на овој меч и се освен триуф би претставувало големо изненадување. Лајпциг и Астраханочка се борат за третото место кое води во следната групна фаза. Бодовите денес се неопходни за нашиот шампион, во случај Лајпциг да се пласира во следната рунда да се пренесат бодови од мечевите со овој противник. Тренерот Давид Дејвис може да смета на сите ракометарки, радува враќањето на Андреа Лекиќ и нејзиното издание против ФТЦ, каде беше прв стрелец на својот тим. Очекуваме да се повтори изданието од првиот натпревар одигран во Јане Сандански и на убедлив начин да ја заокружиме оваа групна фаза.