Стефани Софтовска е дел од ракометниот клуб Вардар, од септември 2016 година успевајќи да стане шампион со пионерките на Вардар во минатата натпреварувачка сезона. Оваа сезона со својот тим се натпреварува во кадетската лига ( каде има постигнато 22 гола во есенскииот дел) во која стана вицешампион, како и во младинската лига каде се наоѓа на второто место. Во следново интервју ве запознаваме токму со Стефани Софтовска која може да игра на позицијата среден и лев бек.
1. На колку години започна да играш ракомет и зошто се одлучи баш за овој спорт ?
-Со ракомет се занимавам од својата десетта година и причината беше мојата мајка која некогаш се занимавала со ракомет и љубовта кон ракометот ми ја пренесе на мене.
2. Во кои се екипи имаш настапувано до сега и дали може да ни кажеш што се имаш освоено, како награди и трофеи ?
-Моите почетоци беа во ракометниот клуб Ѓорче, кај професорот Владимир Радиќ каде тренирав се до 2016та година, а се натпреварувавме во младинска и супер лига. Учествував и во училишен спорт каде еднаш бевме вицешампиони на државните натпревари и шампиони на град Скопје во мешан тим. Исто така две години по ред на турнирот “Еден Живот Една Љубов” бев прогласувана за најдобар играч, а со мојот сегашен тим минатата сезона бевме шампиони во пионерската лига, додека пак во есенскиот дел од оваа сезона сме на врвот на листата во кадетска лига.
3. Како се случи да преминеш во Вардар и зошто се одлучи баш во овој клуб да ја продолжиш твојата играчка кариера ?
-Причината за преминување во РК Вардар беа пред се условите кои клубот ги нуди, но и можноста да бидам покрај мојот тренер Драгана Пецевска, како и да ја имам привилегијата да работам со еден од најголемите ракометни стручњаци, тоа е Раул Гонзалес.
4. Минатата сезона вашата генерација беше единствената од вардаровите, која успеа да стане шампион на Македонија и тоа во пионерската лига. На што се должи вашиот успех и дали верувавте во истиот ?
-Успехот што го постигнавме беше резултат на напорна работа и тимска игра, а секако за да се постигне тоа треба прво да се верува. Преку целата сезона игравме добро, а квалитетот го потврдивме и на завршниот турнир, кога во големото финале го совладавме тимот на Металург и тоа на нивниот терен во населбата Автокоманда.
5. Каков тренер е Драгана Пецевска и како поминува еден тренинг со неа ?
-Водејќи се од нејзината порака дека тренерот не треба да се сака, туку почитува, сите девојки влегуваме со почит кон нејзината тренерска работа и кон резултатите постигнати во нејзината играчка кариера. Еден тренинг со неа поминува во хармонична атмосфера, но и голема дисциплина.
6. Имавте можност да бидете дел од два силни меѓународни турнир во Метковиќ и Белград. Какви се вашите впечатоци од истите и дали можевте до повисок пласман, иако треба да се напомене дека игравте против повозрасни екипи ?
-Секој настап на еден меѓународен турнир е искуство повеќе за нас. Овие два турнира беа навистина предизвик, пред се на квалитетот на екипите кои настапуваа. Генерално сме задоволни од пласманите, иако секогаш може подобро и во иднина ќе се потрудиме да покажеме подобри резултати.
7. Оваа сезона се натпреварувате во кадетската и младинската лига. Дали како генерација верувате дека ќе станете шампиони на крајот од сезоната, пред се во кадетската лига ?
-Со оглед на тоа што во двете категории сме меѓу водечките позиции, ние сме задоволни и веруваме дека имаме квалитет оваа година да бидеме шампиони барем во кадетската лига. Патот до врвот е тежок, но ние сме свесни дека само со напорна работа, залагање и сериозен пристап на секој натпревар можеме да го повториме успехот од минатата година.
8. Дали Стефани има некоја цел за во иднина. Дали можеби сте размислувале на таа тема ?
-Секако дека имам цел и постојано размислувам за тоа. Мојата животна определба е ракометот, а првенствена желба е да го облечам репрезентативниот дрес на Македонија. За подолгорочните цели ќе се раководам од мотото на нашиот најдобар македонски ракометар Кирил Лазаров, кој вели дека само со напорна работа може да се дојде до врвни резултати и успех.
Звонко Ивановски