Кадетките на ракометниот клуб Вардар го освоија третото место на силниот меѓународен турнир “Метковиќ 2017“ кој изминативе три дена се одигра во Метковиќ. Во борба за третото место ја совладавме екипата на Катарина, со резултат од 19:24.
Во првите шест минути од натпреварот, противничката екипа во три наврати имаше предност од два гола и тоа 2:0, 4:2 и 5:3, за Вардарки да се разбудат и со серија од 0:3 за прв пат да стигнат до водство од 5:6. Од тие моменти црвено-црните постојано беа во предност. При резултат од 7:8 избраничките на Папуџиева и Кастратовиќ постигнаа три последователни голови и зголемија на 7:11. Истава разлика ја одржувавме и во следните седум минути кога резултатот на семафорот гласеше 12:16. Одлично игравме во овој дел од натпреварот и бевме решени да го совладаме противникот. Само за момент се закани екипата на Катарина кога го намали резултатот на 16:17, за Вардар со серија од 1:5 да се одлепи на највисоки 17:22, по што полека се наѕираше победникот на овој натпревар. Немаше време за некои поголеми возбудувања, па мечот за третото место заврши со резултат 19:24 во корист на Вардар.
Стефанија Софтовска беше најдобар стрелец кај Вардар со 6 голови, додека Ива Јаковчевска постигна 5. По 4 голови беа дело на Андреа Седлоска и Катерина Дамјановска, Ангела Гроздановска додаде 3, додека Мирјана Петковска беше стрелец на 2 гола. Одлични на целиот турнир беа и голманките, Трајкоска и Грујовска.
Ова е голем успех за кадетките на РК Вардар, кои на турнирот се натпреваруваа во генерација “2000“, а нашите девојки се генерациски родени “2002“ година. На турнирот одигравме вкупно шест натпревари на кои забележавме три победи и три порази. Секоја чест за нашите девојки кои не потклекнаа ниту на еден натпревар и храбро се бореа до последните секунди. Оваа генерација се смета за многу надежна, а сигурно на турнирот недостадуваше нивниот главен предводник од клупата и сигурно една од најзаслужните за напредокот на оваа екипа, главниот тренер Драгана Пецевска која од семејни причини не беше во можност да го води својот тим на овој турнир.