Ракометарките на Вардар ја остварија и четвртата победа во регионалната ВРХЛ лига, вечерва нашите девојки беа подобри и од хрватскиот тим на Подравка со убедливи 35:18 (19:10). Вардарки на овој турнир забележаа две победи од исто толку натпревари.
Уште од самиот старт на натпреварот Вардар покажа дека и на овој натпревар е за неколку класи подобар тим од хрватскиот претставник. По првиот дел веќе вардарки имаа сигурна предност од девет голови позитива. Во вториот дел уште подобра заигра шампионот на Македонија, па така на крај нашиот тим успеа да постигне дури 35 погодоци а да прими само 18.
Иако на овој дуел тренерот Дибирова не ги користеше својте најдобри ракометарки Андреа Пенезиќ и Амандин Лејно, сепак и другите ракометарки беа пресилни за овој противник. Во редовите на Вардар свој одличен меч прикажа Александра Лакрабер која постигна 12 погодоци, Сара Ристовска придодаде 7 гола, Ина Суслина броеше до 14 интервенции на голот.
Ова беа уште два одлични тест дуели пред мечевите со Митјиланд во 1/4 финалето од ЛШ.