Сениорската екипа на ЖРК Вардар ја оствари седмата победа сезонава во Супер Лигата, откако вечерва славеа на гостувањето кај екипата на Стружанка. Натпреварот од 9.коло заврши во наша корист со резултат 18:36 (7:20)
Натпреварот започна со погодок на Бојана Радевска и одбрана на Илиќ, а по пет минути игра имавме предност од 2:5. Екипата на Стружанка во еден момент намали на еден гол разлика (4:5), што беше и последна резултатска неизвесност на овој натпревар. Со голот на Борјана Коцева во 10.минута ги вративме трите гола разлика за предност од 4:7, за во следниот период да следи наша серија од 1:5, со погодок на Бојана Коцева во 17.минута имавме највисоки 5:12 предност, што беше знак за тренерот на домашната екипа да побара минута одмор. Не се сменија на позитивно работите за Стружанка и после тајмаутот, ние бевме тимот кој имаше контрола на играта и резултатот. Следеа два последователни голови на пикерот Нина Попова, за водство од 7:16, додека двоцифрено водство од 7:17 во 24 минута ни донесе Радевска со нов гол. До крајот на првиот дел само ја зголемивме разликата во наша корист, па со два гола на Радевска и еден на Попова, на полувреме заминавме со високи 7:20 предност во наша корист.
Во првите пет минути од вториот дел, видовме по еден погодок на двете страни и еден промашен седмерец за нашиот тим. Со одбрана на Вероника Ѓорѓиевска и два последователни голови на Симона Василева поведовме со 8:22. После добра одбрана и блокиран удар на противникот, на почетокот на 45.минута со голот на Ивона Трпевска имавме највисоки 10:25. Нина Попова ги истакна своите голгетерски вештини и од седум метри, со нејзин нов гол, вардарки на истекот на 50.минута имаа водство од 12:29. Прашање беше само со каков резултат ќе заврши овој натпревар, кој помина во наша доминација. Конечниот резултат гласеше 18:36.
Вардар: Стојчевска, Ивона Кимовска, Ивановска 5, Попова 5, Стефаноска, Галачева ( 2 одбрани), Василева 4, Велјаноска, Илиќ ( 11 одбрани), Борј.Коцева 2, Трпевска 10, Ива Кимовска, Радевска 5, Ѓорѓиевска ( 8 одбрани), Милевска 1, Бој. Коцева 4.