Thursday ,25 April 2024
Последни:
Home > ЖРК Вардар > Вардар гостува на “жешкиот“ терен во Морача, во последното коло од главната рунда
Вардар гостува на “жешкиот“ терен во Морача, во последното коло од главната рунда

Вардар гостува на “жешкиот“ терен во Морача, во последното коло од главната рунда

Вечерва во салата “Морача“ во Подгорица, последното коло во главната рунда ќе го одиграат екипите на Будуќност и Вардар, дуел кој започнува од 19:30 часот.

И двете екипи веќе обезбедија пласман во четвртфиналето, па денешниот дуел нема големо резултатско значење за двата тима. Ова ќе биде нивни единаесетти меѓусебен дуел, а Будуќност има пет победи, четири му припаднале на Вардар, додека еден натпревар завршил со нерешен резултат. Каков и да биде исходот од вечерашниот меч, Вардар ќе остане на првото место на табелата, додека Будуќност ќе заврши на четвртата позиција, на која се наоѓа и пред одигрување на последното коло. Избраничките на Драган Аџиќ играат посебно добро пред својата публика и во овој дел од сезоната на домашен терен имаат само еден пораз и тоа од екипата на ФТЦ Будимпешта.

Интересно ова ќе биде нивни четврти меѓусебен дуел оваа сезона и сите ги доби екипата на Вардар. Со истиов противник  игравме на трите турнири во рамките на регионалната лига и еден во главната рунда одигран во С.Ц. Јане Сандански, кој црвено-црните го добија со резултат 31:24. На првиот регионален турнир одигран во Подгорица, црвено-црните славеа со резултат 22:24. Во рамките на вториот турнир одржан во Љубљана, нашите девојки славеа минимално со резултат 21:20 и последниот во рамките на третиот турнир одигран во Скопје, на кој Вардар го победи Будуќност и тоа убедливо со резултат 31:24. Нашиот шампион има само еден пораз оваа сезона од екипата на Мец и ќе се обиде денес да остане непорезен на “жешкиот“ терен во Морача.

Најверојатно екипата на Ѓер ќе биде противникот на црнагорките во четвртфиналето, кој се наоѓа на првото место во групата 1, со оглед дека во последното коло на домашен терен го пречекува тимот на Крим. Вардар пак својот противник во следната елиминациска рунда, ќе го бара од победникот, Митјиланд – Никобинг. Се работи за две дански екипи кои во меѓусебен дуел ќе одлучат кој ќе заврши на четвртото место во групата. Во игра е секако и Крим, кој ќе мора да победи на гостувањето во Ѓер, опција која е помалку неостварлива.