Saturday ,20 April 2024
Последни:
Home > ЖРК Вардар > Втор тим > ЖРК Вардар Јуниор подобар од Металург во дербито на женската лига, Кицеска јунак за црвено-црните
ЖРК Вардар Јуниор подобар од Металург во дербито на женската лига, Кицеска јунак за црвено-црните

ЖРК Вардар Јуниор подобар од Металург во дербито на женската лига, Кицеска јунак за црвено-црните

ЖРК Вардар Јуниор го доби дербито во најсилната супер лигата против екипата на Металург. Вчера стартуваше новата сезона во ракометната женска лига, во која се се сретнаа Вардар Јуниор и Металург. И двете екипи во новата сезона влегоа со подмладени состави, а на нивниот прв меѓусебен дуел како подобри се покажаа црвено-црните.

Натпреварот со гол го отвори екипата на Металург, за младите Вардарки да вратат со серија од три последователни погодоци и да поведат со 3:1. Вардар во текот на целото прво полувреме имаше водство кое се движеше од 1-3 голови разлика. На моменти, тимот од автокоманда се закануваше на нашата предност, кога намалуваше на само еден гол негатива (6:5, 10:9, 11:10), но сепак на полувреме избраничките на Симе Симовски имаа предност од два гола разлика (12:10). Вардар на голот ја имаше одличната Слободанка Кицеска, која ја направи потребната разлика на ова дерби.

На стартот од второто полувреме, Металург постигнува два последователни голови и го израмнува резултатот на 12:12, за црвено-црните со серија од 3:0 повторно да ја вратат онаа највисока предност од три гола (15:12). Сепак за разлика од првиот дел, нашите девојки започнаа постепено да ја зголемуваат предноста. Можеби последната неизвеност беше при резултат од 18:16, од тој момент се одлепивме на 20:16 и како полека да ја најавувавме победата, иако беше рано за такво нешто. имавме вистински херој на голот, тоа беше младинската репрезентативка Кицеска која имаше одбрането дури 8 пенали од неверојатни 15 удари од седум метри, колку им беа досудени на екипата на Металург. Охрабрени од нејзините одбрани, Вардарки беа решени да го “дотолчат“ противникот, кога при резултат од 21:18 направија нова серија од 4:0 и веќе имаа највисоки 25:18, по што беше познато кој ќе ги освои бодовите на воведното дерби. Иако намали противникот на 25:21, победата не беше загрозена во прашање, рутински го завршивме мечот, иако доволивме на Металург да ја намали негативата. На крајот конечниот резултат беше 27:25.

Голманот Кицеска имаше 13 одбранети удари, од кои 8 беа од седум метри. Најефикасна беше крилото Ивона Трпевска која постигна 6 голови.

Вардар Јуниор: Илиќ, Реџеп 3, Николовска 4, Стефановска, Кицеска, Вељановска 1, Станиќевска 1, Трпевска 6, Георгиевска, Атанасова, Божиноска 5, Филипоска, Гическа 3, Карчева, Иванова 2, Николиќ 2.