Sunday ,28 April 2024
Последни:
Home > ЖРК Вардар > „Гол шоу“ на Трпевска, вардарки го победија Спартак
„Гол шоу“ на Трпевска, вардарки го победија Спартак

„Гол шоу“ на Трпевска, вардарки го победија Спартак

Вардарки го одиграа најлошото прво полувреме сезонава во Супер Лигата, но сепак на крајот стигнаа до победа со резултат 34:39 (20:17), на натпревар од 11.коло против екипата на Спартак.

Екипата на Спартак отвори со два последователни голови, за ние првиот погодок да го постигнеме во 3.минута преку Сара Стефаноска. Домаќинот во текот на целото прво полувреме беше во предност, која во еден момент достигна и шест гола разлика. Со два гола во серија на Трпевска успеавме да намалиме на 4:3, додека Стефаноска постигна гол за 6:5. Откако Трпевска со нов погодок намали на 9:7, во следниот период, противникот направи серија од 6:1 и во 17 минута имаа највисоки 14:8. Нашиот стратег на клупата, Александар Царчев, побара и минута одмор, но неговиот тим никако не можеше да ја пронајде својата игра во овие 30 минути. Промашивме неколку чисти зицер удари, иако и голманот на Спартак беше виновникот за оваа наша негатива, додека Илиќ застана на нашиот гол и имаше неколку интервенции. Малку се стабилизиравме кога Трпевска погоди од бековска позиција за преполување на негативата на 16:13, за повторно Спартак да се одлепи на 19:14. Вардар имаше подобар финиш на првиот дел, кога успеа да ја намали разликата на три гола, резултатот по 30 минути игра на семафорот во салата „Круме Кепески“ гласеше 20:17.

По пет минути игра во вториот дел, вардарки имаа можност да смалат на само еден гол негатива, откако Борјана Коцева постигна гол, за во следниот напад, голманот на Спартак да одбрани нов зицер, овој пат не погоди Трпевска. За наша среќа, противникот не постигна гол во следниот напад, а Стефаноска погоди за 23:22. Првото израмнување се случи во 42 минута кога Трпевска погоди од седум метри за резултат 25:25. На нашиот гол одбрани Илиќ, а во контра напад успешна беше Трпевска која ни донесе прво водство на овој натпревар, резултатот во 46 минута гласеше 27:28. Дефинитивно, Трпевска, беше располежена за постигнување на голови во вториот дел, со нејзин нов погодок стигнавме до предност од 29:31 во 50.минута. Заигравме поцврсто во одбраната, додека во нападот бевме посмирени, па со гол на Трпевска се одлепивме на највисоки 30:34, по што тренерот на Спартарк повика тајмаут. Откако не погодивме од едум метри, Вероника Ѓорѓиевска на нашиот гол одбрани зицер удар на противничкиот играч и не дозволи нашата предност да се спушти на три гола. Не дозволивме во последните пет минути да ја испуштиме предноста, на крајот славевме победа со конечни 34:39.

Ова е вкупно осма победа сезонава за нашата екипа, до крајот есенскиот дел од сезоната остануваат да се одиграат уште две кола.

Вардар: Ивона Кимовска 1, Попова 2, Стефаноска 11, Галачева, Илиќ ( 5 одбрани), Борј.Коцева 5, Трпевска 17, Ива Кимовска, Тодоровска, Симоновска, Радевска, Ѓорѓиевска ( 8 одбрани), Миленкоска 1, Милевска.