Екипата на Жрк Вардар во наредниов период ќе има мини турнеја во Франција, каде ќе одигра неколку пријателски натпревари. Спаринг партнер ќе им биде екипата на Флери, со која ќе одржат и неколку заеднички тренинзи. Оваа екипа исто така беше во Скопје, во месец април кога исто така одигравме два подготвителни натпревари. Тоа беа последните припреми пред завршниот турнир во Будимпешта, кога го освоивме третото место. Тогаш, по една победа им припадна на двете екипи. Првиот натпревар на оваа турнеја ќе го одиграме утре, против тимот на Унион Мио Бигано. Во наредните денови ќе следат уште два подготвителни дуели, со екипата на Флери.
Во Франција, нашите девојки остануваат се до 18-ти август. Ваквите мечеви се повеќе од потребни за нашите девојки, за градење и достигнување на потребната форма, пред почетокот на лигата на шампионите. Ќе нема многу одмор за црвено-црните, по завршување на оваа турнеја, се упатуваат директно за Романија. Таму ги чека силен меѓународен турнир “Букурешт трофеј“ , каде ќе имаат можност да играат со силни и квалитетни противници. Овој турнир ќе се игра во периодот од 20-23-ти август. Следи враќање во Скопје, пред одигрување на последниот подготвителен турнир, кој ќе се игра во С.Ц. Јане Сандански.