Заврши мини паузата за црвено-црните девојки по одигрувањето на Ф-4 завршниот турнир во ЕХФ Лигата на Шампионите во Будимпешта. Тие денеска одпочуваат со играње на финалните натпревари во Купот на Република Македонија.
Организатор на трите натпревари, два полуфинални и финалниот е Ракометната федерација на Македонија, па така РФМ одлучи истите да се играат во салата во Автокоманда во Скопје. Денес е првиот натпревар на Вардар, тие во полуфиналниот натпревар ќе се сретнат со екипата на ЖРК Гевгелија. Овој дуел во кој сме огромен фаворит е закажан со почеток во 16-30 часот. Во другиот натпревар од полуфиналето се среќаваат екипите на Металург и Прилеп. Тој меч се игра во 13-30 часот. Победниците од полуфиналните средби утре, сабота во 12-30 часот во салата во Автокоманда го играат 25. финале од Купот на Македонија. Влезот во салата во Автокоманда е слободен, на двата натпреварувачки дена во Купот на земјава.
Избраничките на Дибирова досега има освоено четири Куп пехари, првиот далечната 1994 година, а следните три во 2014, 2015 и 2016 година. Единствено само легендариот состав на Кометал Ѓ.Петров има повеќе куп титули од црвено-црните.