Thursday ,02 May 2024
Последни:
Home > ЖРК Вардар > Вардарки стигнаа и до втора победа против Ларвик

Вардарки стигнаа и до втора победа против Ларвик

Денес во спорскиот центар Јане Сандански се одигра и вториот контролен натпревар на Вардарки со екипата на Ларвик. Повторно поуспешни без избраничките на Индира Кастратовиќ, кои славеа со резултат 30:24.

На овој денешен меч, норвешкиот шампион даде поголем отпор, но само во текот на првото полувреме. Ларвик подобро го почна овој меч и во првата четвртина од првиот дел имаше предност од три голови разлика. Како одминуваше натпреварот, црвено-црните играа се подобро и полека се доближуваа до предноста на гостинките. Со серија од неколку погодоци успеваме комплетно да го свртиме резултатот во наша корист и да поведеме со 11:9. Кога помисливме дека Вардар ја презема контролата на играта, Ларвик постигнува четири гола во серија и повторно го враќа водството. До крајот на првото полувреме се играше гол за гол на двете страни, па скандинавките заминаа на одмор со еден гол позитива (14:15). Во првите 30 минути на голот беше најновото засилување на голманската позиција, репрезентативката на Бразил Мајса Песоа која имаше 6 успешни интервенции.

Нејзината замена во второто полувреме, Ина Суслина беше главниот “креатор“на пресвртот. Вардарки започнаа фуриозно во првите минути од вторите 30 минути и за кратко направија серија од 7:1, за прв пат на мечот да имаат пет голови предност. Ова беше клучниот период за прашањето околу конечниот победник. Од тој момент Вардар не дозволи да го испушти ова водство, кое постепено се зголемуваше. На 15 минути до крајот имавме и високи осум голови разлика (25:17), по што беше јасно кој ќе триумфира. До крајот на натпреварот рутински ја зачувавме предноста, за конечен резултат од 30:24.

Најефикасни во нашиот состав беа Дамњановиќ и Лазовиќ, со по 5 постигнати голови. На овој меч не настапија Лекиќ, Лејно и Лакрабер. Ова беше втора победа во исто толку дена за составот предводен од Индира Кастратовиќ. После освојувањето на турнирот “Винко Кандија“, црвено-црните “положија“ уште еден испит пред почетокот на новата сезона во лигата на шампионите.

Вардар: Песоа (одбрани 6 топки), Суслина (одбрани 12 топки), Радичевиќ 2, Кликовац 2, Херем 2, Мавсар 4, Дамњановиќ 5, Лазовиќ 5, Алтхаус 1, Илина, Пенезиќ 3, Човиќ, Ихнева,Хмирова 4, Ристовска.