Saturday ,20 April 2024
Последни:
Home > ЖРК Вардар > Вардарки се вратија на победничките патеки, лесен триумф во дуелот со Шампион
Вардарки се вратија на победничките патеки, лесен триумф во дуелот со Шампион

Вардарки се вратија на победничките патеки, лесен триумф во дуелот со Шампион

Ракометарките на Вардар на убедлив начин се вратија на победите во женската Супер Лига. На натпревар од 13.коло во групата А, избраничките на Александар Царчев стигнаа до висок триумф во дуелот со екипата на Шампион, изразен со резултат 43:18.

Вардарки добро го отворија натпреварот со серија од 4:0 и уште на стартот најавија дека противникот нема што да бара на овој дуел кој се одигра во спортската сала во населбата Автокоманда. На секој гол на противникот, Вардар враќаше со серија на погодоци, па како се ближеше крајот на првото полувреме, така и растеше континуирано нашата предност, за на полувреме на семафорот да стои резултат 22:8.

Второто полувреме имаше идентичен старт како и првиот дел со серија на вардарки од четири последователни голови, со кои веќе водството гласеше 26:8. Немаше сили екипата на Шампион да парира на нашиот состав, иако се обидуваа да ја смалат разликата, сепак немаше ништо од тоа. Вардар беше разигран и постигнуваше голови од сите позиции, за на крајот да слави висока победа со резултат 43:18.

Најефикасна на натпреварот беше Бојана Коцева со 7 голови, додека кај нас се истакнаа уште и Бојана Радевска и Ивона Трпевска, со по 5 постигнати голови. Бојана Диневска, Сара Миновска, Ивана Џатевска и Рана Равојска по 4 пати се запишаа во листата на стрелци.

На голот, Јована Трајкоска имаше 7 одбрани, додека Вероника Ѓорѓиевска запиша 6 интервенции зад своето име. Ова беше вкупно 11.победа за Вардар во групата А, во рамките на последното коло од регуларниот дел ќе гостуваме кај екипата на Спартак.