Wednesday ,24 April 2024
Последни:
Home > ЖРК Вардар > Во недела продолжуваат возбудувањата во ЛШ, со нов дуел на Вардар и Будуќност

Во недела продолжуваат возбудувањата во ЛШ, со нов дуел на Вардар и Будуќност

После пауза од два месеци, нашиот женски ракометен шампион ги продолжува настапите во најголемото натпреварување. Прв противник во првото коло од главната рунда е Будуќност, противник кој ни е добро познат и со кој последен пат игравме пред десетина дена во рамките на првиот турнир од новоформираната регионална лига. Тој натпревар го загубивме минимално со резултат 30:29. Во главната група 1, Вардарки ќе стартуваат од првото место со 7 бодови кои ги пренесуваат од првата групна фаза, Будуќност е второпласиран со 6, следат екипите на ФТЦ Будимпешта (5), Метц (4), Турингер (2) и без бодови е екипата на Астраханочка. Тренерот Давид Дејвис може да смета на сите ракометарки со исклучок на голманката Ина Суслина, која сеуште е под посебен тренажен процес после оперативниот зафат на менискусот. Будуќност на овој натпревар ќе биде ослабен за неиграњето на Милена Раичевиќ по операцијата што ја имаше во пределот на петата на крајот на месец декември. Не очекува интересен и возбудлив натпревар, кој ќе покаже како се одразила паузата кај двете екипи поради европското првенство кое се играше во Шведска.

Во меѓусебните дуели од лигата на шампиони, Будуќност е во предност со четири победи, наспроти Вардар кој има две, додека еднаш двете екипи одиграа со нерешен резултат.

Ова се резултатите од меѓусебните дуели со Будуќност во лигата на шампиони:

Вардар – Будуќност 20:22

Будуќност - Вардар  23:17

Вардар- Будуќност  24:24

Вардар – Будуќност  17:27

Будуќност – Вардар  31:19

Вардар – Будуќност  26:24

Вардар – Будуќност  30:28

Натпреварот против Будуќност ќе се одигра во недела во Подгорица, со почеток од 19:30 часот.