Thursday ,25 April 2024
Последни:
Home > ЖРК Вардар > Втор тим > Втор пораз на ЕП, за нашата млада репрезентација

Втор пораз на ЕП, за нашата млада репрезентација

Избраничките на Симе Симовски продолжија со настапите на европското младинско првенство во Валенсија. Во разигрувањето за пласман од 9-16 место, во новоформираната група бевме поразени од селекцијата на Србија. Лошото второ полувреме беше главната причина за конечниот неуспех на овој дуел. Добро го започнавме мечот, дозволувајќи им на Србинките прв пат да ја затресат нашата мрежа во 5 минута. Продолживме со одлично темпо на игра, на кое противникот немаше одговор. Имавме константно водство, во текот на целото прво полувреме кое на моменти изнесуваше и четири гола позитива. Најзаслужна за остварената предност по првото полувреме, имаше голманката на Вардар, Драгана Петковска која беше брилијантна на нашиот гол. На пауза се замина со наша предност од 12:10.

Несфатливиот пад на почетокот на второто полувреме, беше сигурно главната причина за понатамошното одвивање на резултатот. Србија влезе многу поангажирано во вторите 30 мин. и за брзо време го свртија резултатот во своја корист. Како течеше мечот, така се повеќе се зголемуваше нивната предност која на момент достигна и девет гола. Сепак последните 5 минути ги одигравме малку подобро, за утешување на поразот. Конечниот резултат гласеше 28:21.

Нашата најефикасна ракометарка на ова ЕП, Сара Ристовска успеа да постигне 9 голови. Двете ракометарки кои настапуваат за Вардар, Тодоровска и Стојановска додадоа по 4 погодоци. Повторно наградата за најдобар играч ја добива играч на Вардар. Овој пат тоа признание и припадна на голманката Драгана Петковска. Денес продолжуваме со настапите, следен противник е Хрватска. Овој дуел ќе се игра со почеток од 17 часот.